Борел: Израелскиот министер на состанокот говореше за изградба на вештачки остров кај Газа

 

Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, предизвика контроверзии откако на клучниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ се залагал за планот за изградба на вештачки остров во близина на брегот на Газа.

Вчерашниот состанок на министрите на ЕУ имаше за цел да се разговара за хуманитарната криза што го погодува Појасот Газа и можните први чекори кон мирно решение на конфликтот меѓу Израел и Палестина.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, изјави дека предлогот на Кац за изградба на вештачки остров во Средоземното Море покрај брегот на Газа е ирелевантен за дискусиите, пишува „Еуроњуз“.

„Мислам дека министерот можеше подобро да го искористи своето време за да се грижи за ситуацијата во неговата земја или големиот број на загинати во Газа“, им рече Борел на новинарите по состанокот.

Кац, кој неодамна беше назначен за министер за надворешни работи на Израел, на своите европски колеги им покажа две видеа за време на состанокот, рече Борел.

Првиот промовирал проект за железничка инфраструктура што ја поврзува Газа со окупираната палестинска територија на Западниот Брег. Другиот предлог е за изградба на вештачки остров во Средоземното Море во близина на брегот на Газа, кој ќе служи како трговски центар што ќе го поврзува Појасот Газа со остатокот од светот.

Идејата за проектот потекнува од времето на Кац како министер за транспорт на Израел и првпат беше претставена во видео од 2017 година како „одговор на реалноста што е лоша за Палестинците, а не е добра за Израел“, наведува Ројтерс.

Но, според дипломатски извор кој зборуваше под услов да остане анонимен, одлуката на Кац да го спомене вештачкиот остров за време на дискусиите за потенцијалните мировни преговори ги остави министрите на ЕУ збунети.

Кац не сугерираше дека островот може да се користи за сместување на жителите на Газа, ниту пак ја поврза иницијативата со решение за две држави, додаде дипломатскиот извор.

Министерскиот состанок се случи само еден ден откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повтори своето противење за создавање палестинска држава.

Борел вчера повтори дека само решението со две држави може да им обезбеди на Израелците и на Палестинците безбедносни гаранции што им се потребни. Тој исто така рече дека ЕУ и пошироката меѓународна заедница имаат „морална обврска“ да најдат и да предложат решение.

Во петокот, Борел рече дека Нетанјаху лично го бојкотирал решението за две држави во последните три децении.

Министрите за надворешни работи кои ги претставуваат 27-те земји-членки на ЕУ, кои на моменти покажаа неединство во нивниот одговор на војната меѓу Израел и Хамас, беа едногласни во поддршката за решение со две држави, рече Борел.

„Сите земји-членки, се разбира, му кажаа дека веруваат дека решението за постојан и траен мир кој ја гарантира безбедноста на Израел (…) доаѓа преку создавање палестинска држава“, објасни Борел. .

„Ова секако не го натера да се премисли, но и ние не очекувавме ништо друго“, додаде тој.

23.01.2024 - 11:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега