Богоев: Нови дронови за поддршка во борбата против шверцот

 

Двата клучни сектори за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал, Секторот за контрола и истраги и Секторот за посебни истражни мерки, ќе се зајакнат со дронови што ќе бидат обезбедени како донација од Обединетото Кралство, со коишто ќе ракува специјален тим кој неделава помина обуки организирани од страна на експерти од Обединетото Кралство. Ова е од големо значење за зголемување на ефикасноста на институцијата, превентивно делување, како и обезбедување докази и зајакнување на истрагите што ќе води кон сузбивање на организираниот криминал, велат од Царинската управа.

„Поголемата видливост од воздух е многу важна во делот на справување со предизвиците со коишто се соочуваат царинските инспектори при откривање и спречување на нелегални активности. Методите за криумчарење постојано се усовршуваат, што соодветно бара зголемување на ефикасноста на двата клучни сектори за сузбивање на организираниот криминал и корупцијата“, рече директорот Стефан Богоев на денешниот настан во рамки на кој тимови од Секторот за контрола и истраги и Секторот за посебни истражни беа обучувани за ракување со опремата, a на кој присуствуваше и заменик директорот Муарем Асани.

Беспилотните летала овозможуваат поголема видливост како во текот на денот така и во текот на ноќта, како и фотографирање од далечина со висока резолуција. Ова е од голема корист при вршење на специјалните задачи поврзани со откривање организиран криминал и корупција.

Воедно користењето дронови овозможува покривање на поголеми области побрзо и поефикасно за разлика од традиционалните методи, што овозможува потенцијалните закани да се детектираат со голема брзина.

19.12.2023 - 15:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега