Бочварски: Веќе нема време за калкулации, или ќе бидеме крстосница и главна европска рута на Балканот или ќе останеме обиколница

 

Веќе нема време за калкулации за тоа дали и кои патишта ни се потребни за да можеме да напредуваме економски и да конкурираме на соседите и на целиот регион. Едно е јасно, или ќе бидеме крстосница и главна европска рута на Балканот или земјата ќе остане обиколница бидејќи сите останати земји забрзано работат и ја модернизираат својата патна инфраструктура, порача денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.  

Тој потсети дека пред само неколку месеци, по децении лобирање, Владата, заедно со владите на Бугарија, Албанија и Италија, успеа Коридорот 8 да го вметне во мапата на главни европски коридори на Западен Балкан.

-Но, ова не значи дека ние овде сме ја завршиле задачата, туку напротив, секоја одговорна влада во истиот момент мора да почне акција и да покаже резултат преку изградба на новите модерни делници на нашите паневропски коридори. Министерството за транспорт и врски направи измени во два суштински закона: Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење. Граѓаните имаат право да знаат дека овие законски измени не се однесуваат само на изградбата на коридорите 8 и 10 д. Тие се носат со цел да ги забрзаме сите постапки за изградбата на патиштата, железничките пруги, за гасоводите, енергетските градби и други инфраструкурни градби од јавен и национален интерес. Овде спаѓаат и проектите финансирани со средства од страна на ЕУ и грантови коишто ги добиваме и од други финансиски институции, а посебно би ги нагласил магистралните гасоводи и железничката пруга кон Бугарија и Албанија. Нема заобиколување на постапките, нема скратување на фазите при градењето. Со законските измени само ги забрзуваме процедурите и ги намалуваме роковите заради ефикасност и економичност во изградбата, рече Бочварски.  

Според него, со предлог-измените во Законот за урбанистичко планирање се врши предвидување нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработка, постапка со донесување и спроведување на овој урбанистички проект. Разликата од стандардната процедура во однос на овој урбанистички проект за градби од стратешки интерес е тоа што роковите за постапување на институциите и прибавување на целата потребна документација и информации се многу пократки заради брзата реализација на терен.  

-Нова измена е што комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес се доставува во Влада и Влада го донесува урбанистичкиот проект или може да не го усвои тој урбанистички проект. И пак ќе повторам, оваа постапка се однесува само за градби од јавен интерес, од национална важност кои се утврдени со посебен закон или со одлука на Влада. Во однос на Законот за градење прифаќаме нов модел на фазна градба каде на изведувачот му даваме право во исто време да проектира и веднаш потоа да гради. Измените на овој Закон го олеснуваат тој процес и ја забрзуваат градбата. Целта на измените е да се овозможи ефикасна градба и ставање во употреба на државните патишта, железничките пруги,  магистралните гасоводи, енергетските градби, како и други инфраструктурни градби утврдени како градби од јавен интерес согласно закон или согласно одлука на влада, објасни министерот.  

Тој повтори дека како и во сегашниот закон и со измените се запазуваат сите фази на градењето. Изведувачот изготвува комплетен основен проект со сите фази, како и сега, и тој проект мора да биде потврден со позитивна ревизија. Аспектот на сеизмологија е запазен преку добивање на мислење од надлежен Институт за сеизмологија. Само така изведувачот со претходно одобрен урбанистички проект ќе може да влезе на трасата и да гради по изведување од страна на инвеститорот, односно ЈПДП.

-Единствената разлика е во тоа што временски ја намалуваме административната постапка, бидејќи инвеститорот ќе може да почне со фаза градба во поодделни делови од една делница кои се со решени имотно правни прашања. Тоа е важно и дека на крајот на изградбата кое што сакам да го потенцирам е дека Министерството за транспорт и врски како надлежен орган дава одобрение за употреба, но претходно мора да се направи технички преглед и да се утврди дали градбата е изградена во согласност со проектот и тој проект да е заверен од страна на надзорен инженер со пропратна ревизија. Ако се е во согласност со проектот се издава дозвола за употреба за тој автопат, пруга или гасовод. Јас сум сигурен дека со овој модел ќе постигнеме оптимални резултати во изградбата и модернизацијата на инфраструктурната мрежа, рече Бочварски.  

Северна Македонија, потенцира, мора да се движи кон европската перспектива ама мора да се движи со нова и модерна инфраструктура.

-Тоа е нашата домашна задача и ние таа задача ќе ја исполниме. Македонија мора да биде инфраструктурно средена држава, центар на регионот и подобро место за живеење, економски силна и просперитетна рамномерно развиена и безбедна за патниците во сообраќајот. Очекувам дека овие измени ќе бидат поддржани од страна на Парламентот и на пратениците за да создадеме забрзан економски раст и развој и подобро место за живеење на сите, истакна Бочварски.

05.05.2023 - 13:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега