Бочварски: Ако градоначалникот на Охрид не знае како, лично ќе му помогнам за поништување на одобрението за хотелот во Лагадин

 

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, јавно, на наменски организирана прес-конференција попладнево му понуди помош на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, за изнаоѓање нов основ да се поништи одобрението за градење на спорниот хотел во Лагадин. Бочварски нагласи дека Министерството не го потврдило одобрението за градење туку постапило по одлука на Управниот суд од минатата година, кој на десет стани детално укажал дека по донесените докази од Општина Охрид одобрението не може да се поништи. Судот во одлуката го задолжил Министерството да постапи мериторно и дал можност Општината повторно да ја разгледа документацијата и доколку има друг основ да го огласи за ништовно одобрението за градење.

„Еве од тука и јавно ќе го повикам градоначалникот, нема потреба од манипулации, нема потреба од игра на двојни игри. Може да го отвори предметот на повторно разгледување во Општина Охрид, нешто што од него го побара и Комисијата за УНЕСКО. Тоа може да го направи по сите основи само не по овој основ за кој има пресуда од Управен суд. И доколку не знае како треба тоа да го направи, Министерството за транспорт, јас лично, службите во Министерството и сите правни тимови стоиме на располагање на Општина Охрид да помогнеме во понатамошните постапки со цел да дојде правдата во однос на овој објект, но и за секој друг објект каде што треба да помогнеме“, рече министерот Бочварски.

Тој во детали го опишуваше институционалниот пат на одобрението за градење од 2016 година досега. Ја обвини Општината за двојни игри и ја предупреди дека за шест години можела да најде и друг основ за поништување на одобрението, но во ниту еден момент не спомена дека ветувања за овој објект даваше лично неговиот сопартиец Зоран Заев во периодот додека беше премиер.  Заев во 2019 година на трибина во Охрид со граѓаните сподели дека си праќале приватни пораки со сопственикот на хотелот, кого го нарече чичко Никола и кажа дека лично ќе се заземе хотелот да ги добие сите потребни дозволи и да си почне со работа.

Одобрението е издадено во 2016 година и, како што предупредија, граѓаните, екологистите и УНЕСКО, прекршува низа закони, па во 2017 година е прогласено за ништовно. Инвеститорот се жали на ништовното одобрение, но истовремено и гради, па на брегот во Лагадин, во заштитената зона на езерото никна дивоградба. Министерството во 2019 година ја одби жалбата на инвеститорот, па тој поведе спор пред Управен суд, кој пак, четири години подоцна, одлучи дека одобрението не може да биде поништено и препорача Општината да најде друг основ за ништовноста,

Градоначалникот на Охрид, пак, Кирил Пецаков, вчера се пожали дека со последната одлука на Управен суд одобрението за градење повторно е на сила, а таквото решение не се враќа на повторно одлучување кај нив, па затоа Општината повеќе нема како да постапи за овој предмет.

10.03.2023 - 18:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега