Битиќи од Брисел: Ве уверувам во нашата максимална заложба кон исполнување на препораките од извештајот на ЕК

 

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес во Брисел учествуваше на билатералниот скрининг состанок од Кластер 2, „Внатрешен пазар“, поточно на состанокот од Поглавје 9 „Финансиски услуги“.

Во својот говор пред претставниците на Европската Унија (ЕУ) вицепремиерот Битиќи нагласи дека финансиските услуги иако не се основните вредности на Договорот за основање на Европската Унија, дека тие не се ни основите на формирањето на Унијата, но во почетокот на третата деценија на 21 век, тие се исто толку важни колку што во средината на претходниот век биле основните права и слободи врз кои се базира Договорот за формирање на ЕУ.

„Сите ќе се согласиме дека не можеме да го замислиме секојдневниот живот без користење на финансиските услуги со цел да ги задоволиме нашите секојдневни потреби, плаќање на киријата, хипотеката, заемот, котизацијата за универзитет, плаќање онлајн, плаќање во готово, па дури и плаќањето со крипто, што е голем предизвик од гледна точка на финансиска контрола во целиот свет“, рече Битиќи.

Пред претставниците на Европската комисија, вицепремиерот Битиќи нагласи дека финансиските услуги се насекаде околу нас и дека ние директно или индиректно секогаш сме опкружени со акции и трансакции, кои пак се тесно поврзани и зависни од финансиските услуги.

„Како што видовме во последниот извештај на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот, Европскиот економски и социјален комитет и Комитетот на регионите, Северна Македонија е умерено подготвена земја со постигнат одреден напредок во текот на минатата година во областа на финансиските услуги. Како што беше наведено во извештајот, ние сме во напредна позиција во однос на супервизорската и регулаторната рамка за кредитните институции. Од друга страна, заостануваме во усогласувањето во делот на осигурувањето и пазарите на капитал. Извештајот констатира добар напредок во имплементацијата на стандардите за ликвидност од Базел 3 и дека преземаме одредени активности за да спречиме нефер банкарски практики и да спроведеме подобра и поефикасна заштита на потрошувачите“, кажа во својот говор Битиќи.

27.02.2023 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега