Битиќи: Изградбата на коридорите 8 и 10д ќе остане запишано во поновата историја на Република Северна Македонија
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, изјави дека потпишувањето на договорот за изградба на коридорите 8 и 10д ќе остане запишано во поновата историја на Република Северна Македонија.
Вицепремиерот Битиќи кој гостуваше во емисијата „10 Минути“ што се емитува на ТВ21, кажа дека се работи за еден проект кој значително ќе ги промени однесувањата и навиките на градење капитални инвестиции, особено инфраструктурни капитални инвестиции.
„Јас не сум само оптимист, туку сум убеден дека тоа што денеска се потпиша и ќе се испорача во дадениот временски период, и веќе во почетокот на 2028 година ќе се возиме во сите делници кои се кажани. Тоа е целиот Коридор 8 по автопатско решение, Коридорот 10д само за потсетување Прилеп-Битола по модерно автопатско решение, и тоа ќе значи Скопје поврзано по целиот западен дел со модерно автопатско решение кое ќе донесе поголем економски развој“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот рече дека за разлика од автопатските решенија кои поранешните власти ги одбрале како моделно спроведување, автопатското решение кое денеска е опфатено, целиот Коридор 8 во Западна Македонија и Коридорот 10д, се со сосема нови правила.
„Ова е прв пат што вака се гради едно автопатско решение, каде имате и проектирање и изведба, со тоа што сите институции што треба законски да постапуваат, ќе постапуваат во одредените временски периоди кои се зададени. Сите недостатоци во проектите кои порано можеа да се соочат, сега се на терет на изведувачот, и ова е увертира во нов пристап на градење на автопати, како докажан модел не само во регионот туку и пошироко во светот“, рече вицепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи, објасни дека епитетот историски, овој договор го доби поради финансиската големина, поточно 10% од БДП.
Во самиот договор стои дека најмалку 51% мора да бидат домашни изведувачи, што ќе значи најмалку 1% раст на БДП.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа