Бигорски ги поканува верниците на заедничко одбележување на празникот Благовештение
Бигорската свештена Обител преку објава ги поканува верниците на заедничка прослава на „Празникот на почетокот на нашето спасение – Благовештение на Пресвета Богородица“.
Одбележувањето ќе биде со сеноќно благодарење, песнопеење и славословење.
– На денот кога ја славиме сечесната објава за овоплотувањето на Бога Словото, затоа што Синот Божји во тој ден стана Син на Дева, во свештената бигорска Обител ќе почне утре (четврток), 6 април со сеноќно бдение со почеток во 20:00 часот, стои во објавата.
Се напоменува дека божествената архиерејска литургија ќе следува веднаш по сеноќното бдение во раните утрински часови, без пауза по бдението. Со неа ќе чиноначалствува неговото преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со јеромонасите и јероѓаконите од Светата бигорска Обител.
-Благослов да присуствуваат на бдението имаат сите оние кои молитвено сакаат да го прослават Господовиот и Богородичен празник на Благовештението. Со благослов на Епископот Антаниски г. Партениј игумен на свештената бигорска Обител, се наведува во објавата.
Традиционално и за овој празник се очекува големо присуство на верници од сите делови на државава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа