Бесими: Средствата од ПЛЛ инструментот на ММФ стануваат достапни за справување со кризата
Собранието на РС Македонија денеска на седница го усвои Предлог-законот со кој на РС Македонија ќе и стојат на располагање 530 милиони евра средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ. Пристапот на земјата до средства од овој инструмент е потврда на Меѓународниот монетарен фонд за спроведување здрави политики.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, вчера во образложение на Предлог-законот пред матичната собраниска Комисија рече дека обезбедувањето средства преку овој Инструмент е дел од стремежите на Владата на РС Македонија и Министерството за финансии, во овие услови на криза кога на пазарите на капитал се високи цените, да се обезбеди финансирање по најповолни услови.
Со Законот, како што рече, е предвидено РС Македонија да има пристап до 530 милиони евра, од кои до крајот на годината треба да се повлечат 110 милиони евра, а наредната 155 милиони евра. Тоа се средства потребни за справување со последиците од енергетската криза и поддршка на граѓаните и стопанството кои се најпотребни во претстојната зима, истакнува министерот Бесими.
Целта на овој инструмент е да обезбеди ефективна заштита од криза за оние земји членки на ММФ кои имаат здрави економски основи, односно политики.
Министерот потенцира дека Инструментот за претпазливост и ликвидност е воспоставен во 2011 година и е наменет за земјите членки на Меѓународниот монетарен фонд - ММФ со здрави основи и политики и докажана практика за имплементација на политиките и кои во даден момент може да имаат и потреба од финансирање заради одредени ризици што би можеле да доведат до таква потреба.
„За да може една земја да се квалификува да го користи овој Инструмент е да има здрави економски основи и институционални рамки на политики; да имплементира и да има докажана практика на имплементирање здрави политики и да остане посветена на одржување таквите здрави политики во иднина.
Одборот на ММФ средствата треба да ги одобри до крајот на овој месец. Предвидено е да се користат во наредните 24 месеци. Рокот на отплата на средствата што ќе се повлечат е утврден на три години и три месеци од повлекување на износот од средствата. Каматната стапка по која се обезбедуваат средствата во овој момент изнесува од 3,66 до 4,66 %.
Ова е само еден од начините на кој оваа година се обезбеди финансирањето на буџетскиот дефицит. Моделот кој се примени од страна на Министерството за финансии и Владата овозможи заштеда само по основ на камата од 40 милиони евра годишно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа