Бесими: Грантот од ЕУ вреден 80 милиони евра оваа недела треба да „легне“ на буџетската сметка
Министерот за финансии денеска соопшти дека грантот од ЕУ вреден 80 милиони евра оваа недела треба да „легне“ на буџетската сметка во Народната банка.
Како што напомена Бесими, парите мора таргетирано и максимално ефикасно да се искористат зашто се работи за средства кои, практично, ни ги даваат даночните обврзници на ЕУ.
-Тоа што денеска го презентираме е повеќе од пари. Денеска презентиравме нешто што значи пари на граѓаните на ЕУ, од даночните обврзници од ЕУ за нас. Наша должност е да покажеме дека тие средства ќе бидат таргетирани и дека ќе се искористат максимално ефикасно за оние што имаат најмногу потреба - мерки за домаќинствата, посебно социјално ранливите граѓани, но и за стопанството - за најпогодените во овој период, рече Бесими во обраќањето на настанот по повод презентацијата на грантот.
Според него, ова е продолжение на тоа што ЕК го направи во 2020 година кога на земјава и беа доделени 40 милиони евра неповратни средства за социјално-економска отпорност и справување со КОВИД-кризата.
-Поддршката продолжува со уште 100 милиони евра кредит од Европската комисија по поволни услови. Со 100-те милиони се поддржуваат политиките за фискална консолидација, растот и развојот на економијата. Дополнително, во соработка со Европската комисија, има и 100 милиони евра за стопанството, закон што е веќе во собраниска процедура, потсети Бесими.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа