Бектеши: Ќе имаме природен гас до крајот на месецов, се разгледуваат повеќе опции за снабдување по 1 мај

 

Обезбеден е природен гас до 15 април, кога завршува грејната сезона во Скопје, а од страна на Макпетрол сме известени дека има договорени и веќе платени количини на природен гас до крајот на април, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Во врска со евентуалното барање на Русија земјава природниот гас да го плаќа во рубљи, Бектеши рече дека се во постојан контакт со Народната банка и со Европската централна банка, бидејќи од почетокот на март рубљата повеќе не е застапена на курсните листи во земјава.

-За тоа како ќе се одвива ситуацијата од мај па натаму редовно правиме консултации со Народната банка и со Европската централна банка. Ги преземаме сите мерки и граѓаните нема да имаат никаков проблем во случај од мај па натаму да немаме снабдување со природен гас, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Прецизира дека над 80 отсто од годишните потреби на природен гас во државава се користат за работењето на ТЕ-ТО и на топланите на БЕГ во Скопје.

-Дури 74,8 отсто од вкупната потрошувачка во претходната година на природен гас во државата беа потрошени од ТЕ-ТО, кое до 15 април работи за потребите на ЕСМ за снабдување на градот Скопје со топлинска енергија и за производство на електрична енергија. Околу 7 отсто од вкупната потрошувачка беа искористени од топланите на БЕГ во Скопје. Сите мерки се преземени и граѓаните ќе имаат парно до крајот на грејната сезона, а за потребите на индустријата од 1 мај па натаму дополнително ќе разговараме со нив. Секако дека ќе најдеме решение заради тоа што на маса имаме многу опции, потенцира Бектеши.

Појасни дека државата има интерконектор со Бугарија кој го користи за снабдување на домашниот пазар со природен гас, а Макпетрол и другите трговци имаат директен договор со Гаспром.

-Количините на интерконекторот се букирани од страна на Гаспорм до 2030 година. Ние и во минатото и сега предвидовме се што може да се случи. Во однос на снабдувањето со природен гас не беа лесни ни преговорите со ТЕ-ТО во јануари кога ги донесовме одлуките за да произведува електрична енергија 24 часа во текот на грејната сезона и да го снабдува целиот град Скопје со топлинска енергија. Ако работеше само во пикови ќе беше проблем, бидејќи ќе требаше дополнително да се снабдуваме со природен гас за потребите на топланите Исток, Запад и Север, посочи Бектеши и додаде дека во случај преку ТЕ-ТО да не се обезбедеше топлинска енергија за потребите на Скопје ќе имаше проблеми во електроенергетскиот систем во државата.

05.04.2022 - 13:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега