Банкарскиот сектор е стабилен, пропаѓањето на СВБ нема директни ефекти

 

Пропаѓањето на американската Банка на Силиконската долина (СВБ) нема никакви директни последици за нашиот банкарски систем, имајќи ја предвид малата изложеност кон нерезидентите, но и традиционалниот деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање. Билансите на нашите банки се исклучително солидни, високо капитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио. Сепак, заради претпазливост во работењето, Народната банка внимателно ги следи сите случувања.

Според процените на релевантните меѓународни институции, а пред сѐ регулаторите во САД, последните случувања во американскиот банкарски систем не би требало да имаат ефекти врз финансиската стабилност во САД, а оттаму не се очекуваат ниту позначителни преносни ефекти врз глобалната финансиска стабилност. Според американските регулатори, ова се должи на фактот што банкарскиот систем на САД е високо капитализиран, отпорен и работи на цврста основа, што во голема мера е резултат на реформите по глобалната финансиска криза, коишто обезбедија подобри заштитни механизми за банкарскиот сектор. Во прилог на ова оди и брзата реакција и мерките на американските власти, со коишто се минимизираат евентуалните системски ризици.

Во овој контекст, последните случувања во банкарскиот систем во САД нема да имаат директни ефекти врз нашиот банкарски систем, имајќи предвид дека нашите банки имаат многу мала изложеност кон странство, вклучително и кон американската економија и американските банки, односно само 6,6% од вкупните обврските на банкарскиот систем се кон странство, а само 5% од побарувањата се од странство. Понатаму, билансите на нашите банки се исклучително солидни, со високо ниво на капитал (највисоко ниво во последната декада), соодветна ликвидност и одличен квалитет на кредитното портфолио.

Исто така, особено важно во овој случај е тоа што нашиот банкарски систем има традиционален деловен модел, заснован врз кредитирање  на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање. Ова е многу поразлично од деловниот модел на американската банка, којшто е една од клучните причини за нејзиното пропаѓање, а се заснова врз висока концентрација и на депозитната база, но и на вложувањата во хартии од вредност (хартиите од вредност учествувале со 60% во вкупната актива на Банката на Силиконската долина). Нашиот банкарски систем има диверзифицирана и стабилна структура на финансирање во која депозитите учествуваат со 84% во вкупните обврски, а притоа две третини од депозитите се на населението. Овие средства главно се пласираат во кредити на нефинансиските лица коишто учествуваат со 60% во вкупните средства на банките и коишто имаат висок квалитет. Од друга страна, учеството на вложувањата на банките во хартии од вредност коишто се издадени од нерезиденти е минимално и на ниво на банкарскиот систем е под 1%.

14.03.2023 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега