Бајден утре ќе го посети Израел, ќе се сретне со Нетанјаху


Американскиот претседател Џо Бајден утре ќе го посети Израел и ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и јасно ќе покаже дека Израел има право да се брани, најави државниот секретар Ентони Блинкен.

По разговорите со Нетанјаху кои траеја повеќе од шест часа, Блинкен рече дека Бајден ќе ја потврди солидарноста со Израел, кој се очекува да изврши копнен напад врз Газа. Бајден јасно ќе покаже дека Израел има право и должност да го брани својот народ од Хамас и другите терористи и да спречи идни напади, изјави Блинкен за новинарите по разговорите со израелскиот воен кабинет во Тел Авив.

Неочекувано долгиот состанок во Министерството за одбрана во Тел Авив траел до раните утрински часови, а во еден момент бил прекинат со сирени и Блинкен и Нетанјаху биле принудени пет минути да се засолнат во бункер.

Блинкен по состанокот рече дека Израел ќе го информира Бајден за своите воени цели и стратегија и како ќе спроведе операции за минимизирање на цивилните жртви и ќе дозволи хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа на начин што нема да биде од корист за Хамас. САД и Израел се согласија да развијат план за да дозволат хуманитарна помош да стигне до цивилите во Газа, рече Блинкен.

По посетата на Израел, Бајден ќе отпатува за Јордан каде што ќе се сретне со кралот Абдула, египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси и претседателот на палестинската управа Махмуд Абас, изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан претходно изјави дека на Израел нема да му биде дозволено да дејствува во Газа без последици и предупреди на превентивна акција во следните часови, без да наведе детали.

Властите во Газа тврдат дека Израел убил повеќе од 2.800 Палестинци во воздушни напади, од кои околу четвртина се деца, а повеќе од 10.000 луѓе се ранети. Ирански министер на државната телевизија изјави дека лидерите на отпорот нема да дозволат ционистичкиот режим да преземе каква било акција во Газа.

17.10.2023 - 10:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега