Бабовски: Краставица, млад кромид, пиперка и домат – сите овие зеленчуци се безбедни за конзумирање

 

Краставица, млад кромид, пиперка и домат – сите овие зеленчуци се безбедни за конзумирање, тврди директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски.

Тој ги негира обвинувањата од Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство во ВМРО-ДПМНЕ кој кажа дека при контрола на овие зеленчуци имало зголемено присуство на пестициди.

Бабовски рече: „За жал некој се декларира како демохристијан, а за време на верски празник излегува со неточни податоци – за мене е нон-сенс. Ќе мора да преземеме некои активности за да се заштитат граѓаните. За нас, нечие извинување не ни значи. Ако некој треба да се извини, тоа е на граѓаните“.

„Ширење на лажна паника и тревога е кривично дело. Сите овие резултати кои се однесуваат на резидуи од метали или присуство на тешки метали – сите се негативни резултати. Не знам која беше целта кај граѓаните да се шири паника со негативни резултати. Изгледа при брифирањето, некој некого излажал. Ако ги погледнете резултатите, некој помешал микро и милиграми. Сите се во рамки на дозволените количини. Резултатите се негативни“, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски.

Објасни дека при увоз, кога се прават контроли, ако се најдат пратки кои не се во ред, се ставаат под надзор.

„Право на увозникот и економскиот оператор, да побара второ мислење“, додаде Бабовски.

Прашан дали ќе го гони Трипуновски за ширење паника, рече: „Наредниве денови тоа ќе го одлучи менаџерскиот тим. Ниту едно Обвинителство не може да го исправи она што беше паника кај граѓаните“.

Според Трипуновски, АХВ и МЗШВ свесно дозволиле и пуштиле во промет зеленчук во кое има присуство на пестициди а кое е опасно по здравјето на луѓето.

„АХВ наместо да признае вина и да понесе одговорност излегува со бледи соопштенија ВМРО-ДПМНЕ креатор на лажни вести, Цветан измислува и т.н. Ова пред мене е официјалниот извештај, тука се наведени и пестицидите, и количината и продуктот кој што е испитуван. Едноставно е ова корпус-деликтит дека навистина има пестициди во зеленчукот и нашите граѓани без да бидат информирани од нивна страна веќе тоа сигурно го консумирале и имаат некакви последици. И она што е уште пострашно со ваквиот пропуст да овие пестициди се таложат во организмот и остануваат и можат да предизвикаат трајни последици“, рече Цветан Трипуновски – претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство во ВМРО-ДПМНЕ.

05.06.2023 - 12:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега