Авантурист кој пловел со подморницата „Титан“: Тоа е самоубиствена мисија, имав среќа
Германскиот авантурист Артур Лоибл, кој го посети потонатиот брод Титаник на дното на Атлантикот пред две години во исчезнатата подморница „Титан“, вели дека патувањето било еднакво на самоубиствена мисија.
60-годишниот Лоибл нурна 12.500 стапки до местото на потонатиот брод во Атлантикот во август 2021 година и денес вели дека имал неверојатна среќа што преживеал.
Во изјава за германскиот таблоид „Билд“, Лоибл потсетува дека првата подморница со која се обиделе да нуркаат не успеала во обидот, пишува „Дејли Мејл“.
Тој рече дека делови од подморницата паднале и мисијата била одложена за пет часа поради електрични проблеми.
Ова, се сомнева Лоибл, може да биде причина за исчезнувањето на „Титан“.
„Тогаш тоа беше самоубиствена мисија“, рече Лоибл. Претходно одел на ризични и авантуристички патувања, како на северниот и јужниот пол, а Русија ја прелета со борбен авион „МиГ 29“.
Но, од сите негови авантури, Германецот вели дека обиколката на Титаник била најекстремна.
Платил 100.000 евра и го резервирал патувањето преку англиска компанија која организира специјални тури.
Вели дека почетокот на експедицијата бил тежок.
Што се однесува до условите во пловилото, авантуристот вели дека биле предизвикувачки.
На неговото патување, му се придружија францускиот истражувач Пол-Анри Наргеолет и извршниот директор на „OceanGate“, Стоктон Раш (61), а двајцата сè уште се на исчезнатата подморница заедно со британскиот авантурист Хамиш Хардинг и пакистанските државјани Шахзад Давуд и неговиот син Сулеман.
Подморницата Титан е долга шест метри и е наменета за пет патници. Нема седишта и има само еден тоалет, на длабочина од над 900 метри сончевата светлина повеќе не може да навлезе во темнината на океанот.
„Потребни ви се силни нерви, не смеете да бидете клаустрофобични и мора да можете да седите со скрстени нозе десет часа“, вели Лоибл.
„Таму долу сигурно е пекол. Има само 2,50 метри простор, четири скалила, ниту стол, ниту тоалет“, додаде тој.
Меѓутоа, кога стигнал до Титаник, почувствувал чувство на еуфорија.
Со внимание, како што вели, сега ги следи вестите за исчезнатата подморница и потрагата по неа.
„Се чувствувам лошо, нервозен сум. Тогаш имав неверојатна среќа”, рекол тој.
Како и многумина, тој се надева дека ќе се случи чудо и дека подморницата ќе се најде и патниците ќе се спасат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа