Арсовска: Се пресметуваат со мене, Обвинителството да реагира

 

 

Најавите за штрајк и прекин на водоснабудвањето во Скопје, градоначалничката Данела Арсовска, ги смета за закани. Таа повика Обвинителството да реагира, за како што рече, заканата да не се реализира. Според неа, штрајкот кој го најавува „Водовод“ не е за работнички права, туку за политички поени.

„Со оглед на фактот дека изминатите денови се шират шпекулации за наводни проблеми во функционирањето на јавните претпријатија. Ова конкретно се однесува на Водовод и Канализација, за кое информирам наспроти паниката која сакаат да ја креираат неколкумина лица, Градот Скопје има континуирано снабдување со вода. Најавите за штрајк и блокада, би сакала да кажам дека ги охрабрувам своето право на штрајк да го практицираат секогаш кога сметаат дека работничките права се прекршени. А до вработените сакам да апелирам да не дозволат да бидат инструмент на неколкумина поединци кои сакаат да се вплеткуваат во политички пресметки“, кажа Арсовска.

Синдикалните организации треба да ги штитат правата на работниците, а не на неработниците, потенцираше скопската градоначалничка.

„Нападите и заканите доаѓаат во момент кога е најавено департизација на Градот Скопје и има најава за оптимизација на работните процеси. Во конкретниот случај, овие лица кои наводно се борат за работничките права на десетина вработени, треба да ја кажат вистината зошто ова што се случува во овој момент, не е нешто што е борба за работнички права. Најавен беше прекин на водоснабдување во Град Скопје. Апелирам до Јавното обвинителство и сите кои што сметаат дека ова е индиција за попречување на работата на јавното претпријатие, да си преземат дејствија за оваа закана да не се реализира“, додаде Арсовска.

Според неа, Водовод е претворено во биро за вработување. Таа додаде дека вработените поради кои ССМ имаат реакции, и натаму работат во Водовод, за истата плата, но за разлика од порано, според неа, сега имаат обврски и не седат.

„Водовод и Канализација не ги врши своите основни функции а тоа е да гради водоводна структура. Имаме дефицит на технички персонал, а имаме огромна бројка на администрација“, додаде таа.

Во Водовод и Канализација работат над 1.200 вработени. Арсовска смета дека со неа се преместуваат преку бранење на неработнички права.

„Сакам да ги смирам граѓаните и да потенцирам дека градот ќе има непречено снабдување со вода“, додаде Арсовска.

24.10.2022 - 15:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега