Арбер Адеми во работна посета на Шведска

 

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, како дел од официјалната делегација на Република Северна Македонија, денеска оствари работна посета на Кралството Шведска.

Во составот на Делегацијата беа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи и директорот за ЕУ во МНР, Џенк Сејфула. Делегацијата беше придружувана од страна на амбасадорката на Република Северна Македонија во Кралството Шведска, Н.Е. Мира Крајачиќ.

Во рамки на посетата, членовите на Делегацијата остварија посебни работни средби со спикерот на Риксдагот на Кралството Шведска, Андреас Норлен, со министерот за надворешни работи на Кралството Шведска, Н.Е. Тобиас Билстром и со генералната директорка на Шведската развојна агенција (СИДА), Карин Јемин и шефицата на Одделот за Европа и Јужна Америка на СИДА, Лиса Фредриксон.

Во фокус на разговорите беше евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, кој доби нова динамика со почетокот на пристапните преговори. Во овој контекст, членовите на нашата Делегација се заблагодарија за активностите и улогата на Шведска од позиција на претседавач со Советот на ЕУ, истакнувајќи дека Шведска е една од нашите најголеми партнери која ѝ дава јасна поддршка за европските интеграции на Северна Македонија. Притоа, беше изразена надеж за завршување на скринингот до крајот на оваа година и за успешен тек на преговорите на Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ,  како и за надминување на пречките, по повеќе години чекање земјата да премине во оваа последна фаза од процесот на интеграција во ЕУ.

На средбите се разговараше и за моменталната политичка ситуација во Република Северна Македонија, како и за тековната работа на Собранието. Исто така, стана збор и за предизвиците со кои се соочува нашата држава во однос на евроинтеграциите, при што се истакна дека Кралството Шведска секогаш ја потенцира потребата за што поскоро приклучување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Соговорниците дискутираа и за важноста на регионалната стабилност и безбедност, согласувајќи се дека воениот конфликт во Украина ја промени геополитичката состојба и во ваква ситуација повеќе од потребно е да се сочува мирот, како неприкосновена вредност.

На средбите, исто така, се потенцираше дека Република Северна Македонија и Кралството Шведска имаат одлична билатерална соработка и дека Собранието на Република Северна Македонија и шведскиот Риксдаг имаат плодна соработка на сите нивоа, со можност во иднина да се зголеми интензитетот на остварени средби.

15.03.2023 - 17:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега