Апсење како на филм: Погледнете како Тигрите ги фатија дилерите на дрога во вредност од 100.000 евра

 

Како што информиравме претходно, голема полициска акција се случи на автопарот Готивар-Тетово, во која Тигрите уапсија двајца дилери кои транспортирале дрога во вредност од 100.000 евра.

„На 24.03.2023 од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и опасни материи - Единица за недозволена трговија со дрога во содејство со Одделот за специјални полициски операции – САЕ Тигар, Оперативен тим Потраги при СВР Скопје и СВР Тетово се лишени од слобода две лица од с.Арачиново, скопско, при што е спречен транспорт на околу 35 кг дрога.

Имено, во утринските часови на наплатна станица Тетово, на автопатот Гостивар - Тетово, полициски службеници дале знак за запирање на патничко возило „ренџ ровер“, со скопски регистарски ознаки, управувано К.А.(32), во кое сопатник бил О.А.(23), двајцата од с.Арачиново, скопско. Лицата не ја почитувале дадената полициска наредба да го сопрат возилото, туку се дале во бегство, притоа оштетувајќи службено полициско возило, но набргу се запрени и лишени од слобода“, информираат од МВР.

„При извршен преглед во багажниот простор на возилото пронајдени се 4 вреќи со марихуана, со вкупна тежина од околу 35 кг, со вредност од околу 100.000 евра. На лице место на наплатната станица Тетово излезе и Јавен обвинител од ОЈО Тетово кој го раководеше увидот. Малку подоцна, по добиена судска наредба, извршени се претреси и во домовите на двете лица во с.Арачиново, при што се пронајдени предмети поврзани со кривичното дело.

Против А.К., МВР подолг временски период преземаше мерки и активности за негово пронаоѓање и лишување од слобода, бидејќи за него е распишана централна потерница поради бегство од штипскиот затвор, каде има за доиздржување затворска казна од околу 6,5 години, а се барал и по расписи за извршени повеќе кривични дела, како криумчарење на мигранти и шверц со дрога, соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР.

Двете лица се приведени во СВР Тетово и против нив во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, по член 215 од Кривичниот законик.

Денешната акција е уште една од низата акции на МВР во последниов период преземени во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични средства, но и бројните мерки и активности за пресметка со сите видови криминал“, додаваат од МВР.

24.03.2023 - 14:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа