Американската полиција уапси осомничен за убиството на раперот Тупак Шакур од 1996 година
Полицијата во Лас Вегас спровела апсење поврзано со убиството на легендата на рап музиката, Тупак Шакур кој беше убиен во овој градо во 1996 година, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на извор од безбедносните сили.
Како што јавува телевизијата, приведен е Дуан Кеит Дејвис, познат како „Кеф Ди“, чиј дом бил претресуван во јули годинава како дел од истрагата.
За вечерва се очекува полицијата од Лас Вегас да одржи прес-конференција на која ќе открие повеќе детали за случајот.
Убиството на Тупак Шакур веќе 27 години е предмет на теории на заговор. Досега американските власти немаа ниту еден осомничен, што беше причина во јавноста да се појават низа шпекулации за тоа дали навистина Тупак е мртов или пак, дали зад убиството стојат државни служби.
Тупак беше убиен на 7 септември 1996 година, кога беше на возраст од само 25 години. Убиството се случи во Вегас кога непознати сторители отворија оган од возило во движење кон автомобилот во кој се возеше раперот. Тој беше погоден од четири куршуми, а шест дена подоцна им подлегна на повредите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа