Ахмети во одбрана на Груби: И мене ми се случило да позајмам автомобил

 

И мене ми се случило да позајмам кола. Вака лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за емисијата „360 степени“ го одбрани вицепремиерот Артан Груби за случајот со автомобилот што го користел, а не е во негова сопственост, за што јавноста дозна откако колата во јули беше опожарена.

„Јас мислам дека се прават позајмувања, за дневна употреба, и мене ми се случило да позајмам. Можеби и вам ви се случило да позајмите кола. Но, со тоа возило Артан Груби не отишол на работа и не правел официјални посети, туку ја употребил за приватно патување со неговото семејство во Тирана, значи за приватно патување“, рече Ахмети.

Првиот човек на ДУИ рече дека не станувало збор за криење на имот.

„Ова не се однесува на криење имот, бидејќи возилото има адреса, има сопственик, се знае чија сопственост е. Секому се случува да позајми возило. Дали Груби отишол со државна кола со семејство на семејно патување во Тирана? Не, тоа е злоупотреба. Ако се злоупотреби државниот имот, државна кола. А тоа што пријател му ја позајмува колата за семејна посета, не мислам дека има прекршок, криење и злоупотреба“, вели Ахмети.

Прашан дали знае до каде е истрагата и дали се откриени сторителите, рече дека не е во тек со тоа.

На прашањето – зошто кај Артан Груби е концентрирана политичка моќ како кај ниеден претходник од ДУИ на вицепремиерската позиција, Ахмети одговори:

„Ниту повеќе, ниту помалку Артан Груби нема надлежности, од тие што биле пред Артан Груби, а и тие што ќе дојдат после Артан Груби. Артан Груби има за задача да ја примени заедничката владина платформа, и изградената платформа на ДУИ, која е интегрирана во истата платформа со коалиционите партнери, јас не му давам задачи на Артан Груби“.

Инаку, на 22 јуни годинава пред зградата во која живее вицепремиерот Груби беше опожарен автомобил за кој подоцна се испостави дека го користи Груби, но не е во негова сопственост.

18.09.2023 - 21:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега