Аеродромите во Германија утре ќе штрајкуваат

 

Работничките протести во Германија утре ќе се прошират на некои важни аеродроми, вклучувајќи го и најпрометниот во Франкфурт, откако синдикатот „Верди“ повика на штрајк на персоналот за обезбедување на аеродромите за да се зголеми притисокот врз германската влада за време на преговорите за платите.

„Безбедносните контролни пунктови надвор од транзитната зона ќе бидат затворени и затоа патниците нема да може да се качуваат на летовите од Франкфурт“, се вели во соопштението на операторот на аеродромот во Франкфурт, „Фрапорт“.

Сите патници што сакаа да летаат од аеродромот во Франкфурт утре ќе мора да ги променат своите планови, пренесува „Ројтерс“.

Портпаролот на аеродромот „Берлин-Бранденбург“ изјави дека сите летови што полетуваат утре се откажани, но дека состојбата на аеродромот во Берлин ќе се нормализира в петок.

Аеродромот во Хамбург соопшти дека ќе преземе слични мерки.

„Сите 126 лета што полетуваат в четврток ќе бидат откажани или ќе се реализираат без патници“, соопштија од аеродромот во Хамбург додавајќи дека утре треба да се очекуваат одложувања и откажувања на дојдовните летови.

 
31.01.2024 - 17:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега