5,5 милиони евра повеќе за социјалните услуги повеќе од лани во Буџетот на МТСП за 2023 година
Социјалните услуги се од исклучително значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Затоа, за оваа намена, следната година обезбедивме дополнителни 5,5 милиони евра повеќе од 2022 година, односно вкупно 7,8 милиони евра, информираше министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Таа на денешната прес-конференција посочи дека во моментов има околу 36 илјади домаќинства приматели на гарантирана минимална помош, 30.082 деца опфатени со образован додаток, 47.114 деца опфатени со правото за детски додаток, согласно последната исплата во декември 2022 година.
Како што напомена, донесен е Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза, со кој се обезбедува по 3.000 денари месечно, или вкупно 12 илјади денари за четири месеци, за секој корисник на правото на надоместок заради попреченост, корисник на правото на социјална сигурност за стари лица, корисник на правото за надоместок за помош и нега за трајните корисници на ова право, лицата кои се самохрани родители, а се корисници на гарантирана минимална помош и децата со попреченост корисници на посебен додаток.
Тренчевска посочи дека е проширен опфатот и пристапот до социјалните услуги за граѓаните, помош и нега во домот, лична асистенција, живеење со поддршка, згрижување во друго семејство, центри за поддршка на згрижувачки семејства, услуги во центрите за дневен престој.
– Грижата за лицата со попреченост е високо на агендата на Министерството. Посветено работиме на зајакнување на инклузивност и финансиска состојба на корисници на правото на посебен додаток. Со измените на Законот за детска заштита го зголемивме износот на посебниот додаток за 15 проценти за сите три подвидови на корисници, за кое зголемување во предлог буџетот за 2023 година се предвидени близу шест милиони денари месечно, за околу 6.500 корисници на правото на посебен додаток, рече Тренчевска.
Во делот на најзначајни инвестиции во буџетот за 2023 година, министерката ги спомена изградбата и опремувањето на градинките во Липково, Арачиново, Битола и Карпош.
– Предлог буџетот за 2023 година на Министерството за труд и социјална заштита покрај тоа што претставува одговор за ублажување на последиците на кризата, со кои не само ние како држава сме соочени туку и целиот свет, има и развојна компонента, подигање на животниот стандард и капитални инвестиции за унапредување на квалитетот на животот за сите граѓани во државата, рече министерката Тренчевска
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа