40-годишникот во чија куќа беа пронајдени четворицата тинејџери им давал медикаменти „за подобро расположение“ - ОЈО бара притвор

40-годишникот во чија куќа беа пронајдени четворицата малолетници сега ќе очекува одлука од Судот дали ќе оди во притвор. Ваква мерка бара Јавното обвинителство бидејќи тој се сомничи за две кривични дела, Тешки дела против здравјето на луѓето и Излагање на опасност за што е предвидена казна затвор од една до 10 години за едното дело и од три месеци до три години за второто дело. 

Како што соопшти Јавното обвинителство, во средата вечерта во неговиот дом претстојувале четворицата малолетници на возраст од 15 до 17 години, а тој им дал „дијазепам“ и други лекови „за подобро расположение“.

-Тој заедно со децата почнал да конзумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови “тергатол 200 мг”, “запира 10 мг” и “дијазепам 5 мг” кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение. Им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, иако бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето. Следниот ден попладнето полициски службеници ги пронашле оштетените деца во неговиот дом во бессознание и со сериозно влошена здравствена состојба. Со возило на итна медицинска помош биле префрлени на Клиниката за токсикологија, каде што кај децата било констатирано високо присуство на бензодијазепини во крвта. Осомничениот претходно станал и во дневната соба ги затекнал децата како лежат во сериозно влошена здравствена состојба која претходно самиот ја предизвикал, но и покрај тоа ги оставил без помош, велат од Јавното обвинителство.

Според регистарот на Министерството за здравство, лекот „тергатол“ се користи за возрасни пациенти со епилепсија, а лекот „запира“ за големи депресивни епизоди, панични раствојства, социјално анксиозно раствојство и други болести.

13.07.2024 - 18:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега