Детектор анкета: Телевизиите остануваат главен извор на информации
Телевизиите и натаму се главен извор на информации за граѓаните и како медиум, во моментов уживаат најголема доверба. Вакви резултати дава последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, телевизијата е прв тип на медиум од кој граѓаните се информираат. Ваков одговор дале дури 60% од анкетираните. Следат социјалните мрежи со 18,2% и веб сајтовите со 16,3%. Радиото и весниците заостануваат значително за овие бројки.
Очекувано, повозрасните повеќе се потпираат на телевизијата како извор на информации, а помладите се повеќе се вртат кон социјалните мрежи. Па така, ако за лицата над 60 години во 92,6% телевизијата е прв избор за извор на информации, само една четвртина од младите под 30 години главно информациите ги добиваат од телевизија. Во оваа возрасна група прв избор за информирање се социјалните мрежи, а ваков став делат дури 43,1% од младите кои се уште немаат 30 години.
Анкетата за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања врз репрезентативен примерок од 1078 испитаници во периодот од 21 до 24 март.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа