Занаетчиите реагираат: Пристигнуваат опомени од УЈП, а сѐ уште не сме ја добиле помошта за платите за октомври

Занаетчиите кои се едни од најпогодените од економските последици од корона-кризата реагираат дека сѐ уште не е исплатена финансиската помош за платата за октомври.

-Занаетчиите имаат намален обем на работа, особено во овој период така што единствен излез и решение им е помошта од државата која ќе спречи затворање на голем број занаетчиски дуќани. Исто така, со оваа помош ќе се спречи зголемување на невработеноста. Сепак и покрај одобрените апликации на занаетчиите, финансиската помош од Владата се уште нема стигнато на нивните сметки, додека пак помошта за плати на други фирми за месец октомври веќе е исплатена, се вели во соопштението од Занаетчиската комора.

Освен неисплатената помош, занаетчиите се жалат и дека почнале да им пристигнуваат опомени за неисплатена плата од страна на Управата за јавни приходи.

-Најголем дел од занаетчиите не се во можност сами да ја исплатат платата. Освен тоа веќе имаат потврден одговор на апликацијата што ја поднесоа за помош од државата. Тие сметаа на оваа помош која засега не ја добија. Занаетчиска комора на Република Северна Македонија и нашите занаетчии се навистина благодарни на Владата и на надлежните министерства за одобрувањето на ваквата помош, но би сакале во најкраток можен рок да им биде исплатена помошта за месец октомври. Исто така, занаетчиите би сакале навремено да им се исплати помошта за плата и за месец ноември без вакви доцнења и без опомени од УЈП, се вели во дописот од занаетчиите.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.12.2020 - 19:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега