Заев: АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и идентитет и врз основа на тие вредности градиме мостови на пријателство

Изразувам жалење што моето интервју предизвика силни негативни емоции за кои сум свесен и ги разбирам, но имам обврска да ги поттикнам македонските граѓани за изнаоѓање решение, изјави премиерот Зоран Заев на прашање поврзано со интервјуто дадено за БГНЕС.

„Во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија.
И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување.
Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината, најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото.
Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите.
Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот.
Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија.
АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет.
Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст.
Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа.
Иако постои затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година факт е дека постоеше „железна завеса“ помеѓу Југославија и Бугарија и сериозни историско-политички конфликти околу „македонското прашање“.
Денес треба да работиме на отстранување на последиците од „железната завеса“ кои се уште се осеќаат меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Историјата треба да не учи дека можеме и поинаку, дека можеме и подобро, дека треба да соработуваме, но и меѓусебно да ги почитуваме разликите помеѓу нас.
Само почитување на разликите и заедничка борба против говорот на омраза и нетолеранција во македонското и бугарското општество можеме да градиме добрососедски односи и заедничка иднина.
Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме заедничка иднина. Нам ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост.
Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“, кажа Заев.
 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.11.2020 - 11:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега