Вучиќ: Србите, Македонците и Албанците се вредни како Германците,Французите и Италијанците

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека, во околности кога ЕУ нема јасна стратегија кон Западен Балкан, регионалната иницијатива Отворен Балкан претставува голема можност, надеж и обврска за трите земји да создадат подобра и поинаква иднина.

Во авторски текст за белградскиот весник „Политика“ Вучиќ, по повод проектот за регионална соработка што ги вклучува Србија, Македонија и Албанија, тој посочи дека ова е првпат да се започне нешто добро за целиот регион на Балканот , оценувајќи дека потпишувањето на документите оваа недела во Скопје биле историски и дека „нивните резултати ќе бидат историски“.

Србија, Македонија и Албанија во четвртокот потпишаа договори насочени кон олеснување на трговијата во регионот, создавање единствен пазар на труд и взаемна помош во итни ситуации, а регионалната иницијатива, порано наречена „мини Шенген“, официјално е преименувана во Отворен Балкан.

Вучиќ, заедно со македонскиот и албанскиот премиер Зоран Заев и Еди Рама, потпишаа три документи - за разбирање и соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан, Меморандум за разбирање и соработка за слободен пристап до пазарот на трудот и Договор за соработка и заштита од катастрофи на Западен Балкан.

„Европа сака колку што е потребно да не создаваме проблеми, честопати растргнати од внатрешните разлики, вели Вучиќ во текстот, нагласувајќи дека во Брисел нема „целосно јасна стратегија кон Западен Балкан, но и други европски територии кои не припаѓаат на Унијата “.

Вучиќ, посочувајќи на целта и намерите на иницијативата Отворен Балкан, изјави дека основачите на ЕУ „знаеле дека можат да ја надминат тешката историја само ако почнат да се поврзуваат преку економијата“ и дека доживеале противење од сите страни, но успеале.

„Србите, Албанците и Македонците не се помалку паметни и вредни од Французите, Германците, Италијанците и другите кои започнаа да ја градат ЕУ преку Заедницата за јаглен и челик“, истакна Вучиќ.

Тој нагласи дека учесниците во оваа регионална иницијатива сакаат да влезат во Европа, но дека Балканот без економски бариери е нивна „суштинска потреба“.

01.08.2021 - 14:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа