„Времето застана пред 1 година“ - Болна исповед на таткото чија фотографија со загинатата ќерка го расплака светот

 

Пред една година светот го запозна лицето на Месут Ханчер, татко од Турција. Тој ја држеше за рака својата мртва ќерка Ирмак, која беше затрупана во урнатините по разорните земјотреси што ги погодија Турција и Сирија во 4:17 часот на 6 февруари.

Тоа беше единственото нешто што можеше да го направи за неа, да ја држи за рака до самиот крај, па и понатаму. Тој не можеше да и го спаси животот. Една година подоцна, Месут со солзи во очите вели – неговиот 6 февруари ќе трае вечно.

Фотографијата на Месут Ханчер како ја држи за рака својата мртва ќерка која ѕирка од урнатините, изгледа очајно и изгубено, го обиколи светот и ја олицетворува болката и безнадежноста што ја зафатија Турција по земјотресот.

Месут и неговото семејство се враќаат во „зоната на земјотресот“ за да ја одбележат првата годишнина од смртта и да го посетат гробот на нивната ќерка Ирмак, која почина во сон на 15-годишна возраст.

„Помина една година, но времето застана за нас. Оваа болка не поминува“, изјави Месут за турските медиуми, седејќи во дневната соба чии ѕидови се покриени со фотографии и цртежи на неговата ќерка.

„Не престанувам да мислам на неа ниту за минута“, вели нејзината мајка Ѓулсерен.

Ден пред катастрофата, Ирмак отишла во куќата на нејзината баба во градот Караманмарас, за да ги види нејзините роднини, кои дошле од Истанбул.

Таа инсистирала да преноќи, несвесна дека скоро сите 22 високи згради во станбениот комплекс на нејзината баба Ебрар ќе се урнат како кула од карти, при што ќе загинат 1.400 луѓе.

Додека Месут и неговиот син Беркај (23) стигнале на местото на несреќата, останале само купишта урнатини. Морале да чекаат да се раздени за да почнат да го бараат Ирмак, расчистувајќи ги урнатините со голи раце.

Дури следниот ден Месут го забележал безживотното тело на својата ќерка – додека сè уште лежела на душек меѓу две тешки бетонски плочи.

„Толку ме болеше што ја видов таква“, рече тој.

Скаменет од тага, седнал покрај неа во урнатините, држејќи ја нејзината студена, бледа, безживотна рака. Месут не знаел колку долго седел таму пред да го види фотографот на АФП Адем Алтан како ја вперува камерата кон него.

„Фотографирајте го моето дете“, му довикнал Месут на фотографот.

Така се создаде сцена која стана дел од историјата. Фотографиите ги пренесоа сите светски медиуми и беа споделени на социјалните мрежи стотици илјади пати.

За некого беа кликање, за некого тажна глетка, за некого предизвикуваа болка и солзи, а за Месут – тоа е цел живот.

 

Како што вели една година по земјотресот и смртта на неговата ќерка, не верува дека правдата некогаш ќе биде задоволена. Под правда тој подразбира казна за инвеститорите кои бесправно граделе небезбедни објекти и државата која им го дозволила тоа.

07.02.2024 - 19:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега