ВМРО-ДПМНЕ: Владата излажа, сепак историските прашања се предмет на договарања

Власта на Ковачевски бесрамно ги лажеше граѓаните дека историските прашања и теми не се дел од пристапниот процес на Македонија кон ЕУ. И како за многу работи така и за ова излажаа без око да им трепне, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека прво Ковачевски на 30 јуни убедувал дека „Историските прашања не се дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог-документ(францускиот предлог)“.

-По него и министерот Османи на 2 јули излажа „Лага е дека историските и билатералните прашања се влезени во францускиот предлог“. Но, вистината е дека токму овие двајца излажаа, а по нив и сите останати функционери од СДСМ и ДУИ. Лажеа-сушеа се дури не дојде денот да се дознае вистината, за жал болна и тешка за Македонија. Историските прашања за жал се предмет на договарања и оваа власт за жал е страната која распродава историски личности и настани. Брзо се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ биле во право кога говореа дека Ковачевски и владата прифатија штетен предлог во кој обврските од Протоколот и историската комисија ќе доведат во ситуација државата или да се соочува со вечни преговори или со асимилација по бугарски диктат. Историската комисија пред два дена објави пакет одлуки со кои неколку историски личности, Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски се поврзуваат со средновековната бугарска држава, а дополнително за Македонија се предвидува минимализирање на конекциите со антиката на сметка на зголемено изучување на античките Дарданци и Тракијци. Со ова безмалку целата средновековна историја на Македонија се поврза со средновековна Бугарија. Како тргнале Ковачевски и СДСМ во исполнување на бугарските желби за една година ќе ја ретушираат целата историја, па ќе остане после и нивните лични биографии да ги прилагодуваат на бугарските барања, се наведува во соопштението на партијата.

Оттаму нагласуваат дека ова е срамно и бедно. Оваа власт ја доведе Македонија во подредена положба. Оваа власт ги исплука сите оние кои се жртвуваа во нејзинито градење. Очигледно Ковачевски со Заев е во тесна трка кој е поверен следбеник на бугарскиот живковизам.

17.08.2022 - 09:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега