(ВИДЕО) „Тигрите“ сузбија криминална група која шверцувала хероин во Хрватска

Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, Специјалната антитерористичка единица ТИГАР, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, како и СВР Тетово - ОВР Гостивар и СВР Куманово  во раните утрински часови спроведоа координирана акција.

Акцијата беше спроведена по насоки на Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на четири локации на подрачјето на Тетово, Гостивар и Куманово, при што се лишени од слобода три лица.

– Истрагата беше во координација и соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и хрватскиот Уред за сузбивање на корупција и организиран криминалитет (УСКОК) – Риека, а со логистичка поддршка на Канцеларијата на ГИЗ, за меѓународно злосторничко здружение составено од наши и хрватски државјани кои криумчареле хероин, при што секој припадник имал различна улога во набавка, продажба, чување, транспортирање и посредување во купопродажби на хероин на  подрачјето на Истра, Далмација и Загреб, и на тој начин на подрачјето на Хрватска извршиле продажба на 4,2 килограми хероин, при што биле лишени од слобода повеќе лица, соопштија денеска од МВР.

 Пред шест дена (23.09) во заедничка акција на хрватската и македонската полиција беа запленети 3,9 кг хероин, при претрес на дом во Загреб и беа лишени од слобода пет лица, и тоа еден македонски државјанин Б.Џ.(43) с.Синичане, тетовско, и четворица хрватски државјани на возраст од 42, 47, 49 и 66 години.

„Групата неовластено пуштала во промет хероин на илегалниот пазар за дрога во областа на Далмација од месец септември минатата година, а дрогата преку разни канали била пренесувана од нашата држава до територијата на Република Хрватска“, соопштија од МВР.

Во денешната акција, по претходно добиена наредба за претрес од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домот на Б.Џ. од Синичане, кој е веќе уапсен на територијата на Хрватска,  при што биле пронајдени предмети поврзани со кривичното дело.

– Во денешната акција, по претходно добиена наредба за претрес од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домот на Б.Џ. од Синичане, кој е веќе уапсен на територијата на Хрватска, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривичното дело. При претрес кај А.М.(50) од с.Опае, кумановско, пронајден е еден пиштол, 50 куршуми, поголема количина на кокаин, пакувања со марихуана, електронски уред за мешање на дрога, парични средства во денари и евра, повеќе потврди за извршени финансиски трансакции и други предмети поврзани со кривичното дело. При претрес кај С.И.(74) од Гостивар пронајден е еден пиштол „ТТ“ кал. 7,62 милиметри со 168 куршуми кал. 7,62 милиметри и други предмети поврзани со кривичното дело. При претрес кај Е.Н.(63) од с.Синичане пронајдена е документација за извршени финансиски трансакции и други предмети поврзани со кривичното дело, појаснуваат од МВР.

Како што соопшти портпаролот на МВР Сузана Прањиќ Талевска, трите лица се лишени од слобода, а од страна на МВР ќе биде поднесена  кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради постоење на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 и кривично дело „злосторничко здружување“ по чл.394 од Кривичниот законик.

29.09.2022 - 17:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега