Турција го услови членството на Шведска и Финска

Финскиот претседател Саули Нинисто вчера потврди дека неговата земја ќе поднесе барање за членство во Алијансата, додека шведските владејачки социјалдемократи најавија официјална промена на политиката, што ќе го отвори патот нивната земја да поднесе барање за членство во рок од неколку дена.

„Денес Шведската социјалдемократска партија донесе историска одлука да ја поддржи апликацијата за членство во НАТО одбранбената алијанса“, објави на Твитер шведската министерка за одбрана Ан Линде. „Руската инвазија на Украина ја влоши безбедносната ситуација за Шведска и за цела Европа.“

Турција, која во петокот ги изненади сојузниците со објавата дека има резерви кон членството на Шведска и Финска, вчера на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин ги изнесе своите барања. Анкара соопшти дека сака двете земји да престанат да ги поддржуваат курдските милитантни групи присутни на нивна територија и да ги укинат забраните за продажба на одредени оружја на Турција.

„Убеден сум дека ќе можеме да се справиме со стравувањата изразени од Турција на начин што нема да го одложи членството“, изјави вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен одби да даде детали за разговорите одржани зад затворени врати во Берлин, но го повтори ставот на Столтенберг.

„Сосема сум убеден дека ќе најдеме консензус за ова прашање“, изјави Блинкен за новинарите, додавајќи дека НАТО е „место за дијалог“.

Откако вчера ги презентираше барањата на Турција, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека разговорите со шведските и финските колеги биле корисни. Двете земји дале предлози како да одговорат на забелешките на Анкара, кои Турција ќе ги разгледа, додека тој им предочил докази за присуство на терористи на нивните територии, рече тој.

Според Ројтерс, Чавушоглу ја издвоил Шведска, велејќи дека курдската милитантна група ПКК, која е означена како терористичка во САД и ЕУ, одржува состаноци во викендите во Стокхолм.

Сепак, тој истакна дека Турција не се противи на политиката на алијансата да остане отворена за сите европски земји што сакаат да аплицираат за членство.

16.05.2022 - 11:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа