СЗО: Не смееме да дозволиме пандемијата да ни ја одземе иднината без сида, која ни е на дофат на раката

Во 2019-та година е забележан пораст на случаите на заразени со ХИВ.

Бројот на луѓе кои живеат со недијагностициран ХИВ вирус во Европа се зголемува и само во 2019-та година овој вирус е дијагностициран кај повеќе од 136.000 лица, покажуваат податоците кои денеска ги објавил Европскиот центар за контрола на болести и СЗО за Европа. 

Околу 20 проценти од овие дијагнози се во Европската унија, а 80 проценти во источниот дел на европскиот регион.

Секој втор случај на ХИВ се открива во доцна фаза на инфекцијата кога имунолошкиот систем веќе почнува да опаѓа. Тоа е знак дека стратегијата на тестирање во регионот не дава адекватни резултати со цел рано дијагностицирање.

Во последната деценија преполовен е бројот на луѓе кај кои е дијагностицирана сида, односно последната фаза од инфекцијата со ХИВ, а целта епидемијата на сида да се заврши до 2030-та година е достижна.

Меѓутоа, како што се вели во заедничкото соопштение на СЗО и ЕЦДЦ, проблемот е задоцнетото дијагностицирање на инфекцијата со ХИВ.

"Се сеќавам кога дијагнозата со ХИВ изгледаше како смртна казна. Сега, со правилна терапија, луѓето со ХИВ можат да живеат без страв од сида. Овие податоци се од 2019-та година, а прашањето во 2020-та мора да биде како пандемијата ќе влијае на тестирањето до крајот на 2021-ва година", рекол Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Тој додал дека приоритет мора да биде продолжување на тестирањето на ХИВ и лечење на заразените.

"Не смееме да дозволиме пандемијата да ни ја одземе иднината без сида, која ни е на дофат на раката", рекол Клуге.

Директорот на ЕЦДЦ, Андреа Амон, рекол дека и покрај фокусот на пандемијата на Ковид-19, не смеат да се изгубат од видик другите прашања за јавното здравје.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.11.2020 - 15:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа