ССМ бара итна средба со Владата за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара итна средба со претседателот на Владата, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика во врска со барањето за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.
ССМ викендов реагираше дека во ребалансот на Буџетот не се предвидени средства за оваа намена, како што им било ветено за време на преговорите за Општиот колективен договор за јавниот сектор.
– Согласно презентираниот ребаланс на Буџетот од страна на министерот за финансии и анализите на ССМ, не видовме дека има предвидено средства за линеарно – солидарно зголемување на платите во нето износ од 2.806 денари, како што бараше ССМ во Општиот колективен договор за јавниот сектор и за време на преговорите што ги водевме со тимот министри на кои добивме уверување дека со релабансот на Буџетот ќе го добиеме линеарното зголемување, вели во изјава за МИА претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Доколку ова не се случи со ребалансот на Буџетот, Синдикатот најавува дека од септември ќе бара зголемување на платите за 18,4 проценти повикувајќи се на членот 8 од Законот за минимална плата, кој предвидува усогласување на останатите плати со минималната плата.
Од ССМ не ја исклучуваат и можноста за генерален штрајк, доколку не се исполни ветеното.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа