Спасовски апелира на смиреност до сите граѓани по повод чествувањето на 4 февруари

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати апел до граѓаните по повод чествувањето на 4 Февруари, Денот на раѓањето на Гоце Делчев, преку кој повикува да не се подлегнува на провокации и празникот да се одбележи смирено и достоинствено. 

Според Спасовски, институциите нема да дозволат никаква ескалација, инцидент или понижување на македонскиот народ и држава од никого. Мора, како што наведува, да деескалира состојбата што неодговорните политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат.

Министерот упатува и порака до политичките субјекти и политичарите, да бидат одговорни во целиот овој процес.

-Упатувам апел за смиреност до сите граѓани по повод чествувањето на 4 Февруари, Денот на раѓањето на нашиот великан Гоце Делчев. Како министер за внатрешни работи нема да дозволам понижување на македонскиот народ. Институциите работат и се прибираат информации кои значат дека ова очекување на граѓаните ќе биде реализирано. Мораме да ја деескалираме состојбата што неодговорните политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат. Нема да дозволиме никаква ескалација, инцидент или понижување на македонскиот народ и држава од никого. Тука се институциите на системот кои функционираат и кои мораат да ги обезбедат сите очекувања кои ги имаме. Сакам да упатам јасна порака до политичките субјекти и политичарите, да бидеме одговорни во овој процес, бидејќи неодговорноста не прави добро на граѓаните и државата, мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас, истакнува Спасовски.

Во апелот тој повикува и да се напушти реториката од разни „патриотски институти” за тоа што можат да направат.

-Немојте како граѓани да подлегнувате на повик на било кои политички субјекти и да преземате надлежност на институциите. Ова е порака до сите што сакаат да учествуваат зашто минатото покажа дека оние што ги мотивираат луѓето наводно да ја чуваат демократијата, државата и националноста, тие остануваат нечепнати. Оние кои посегнуваат по државата, по институциите, сега се наоѓаат во затворските институции. Секој да овозможи чествувањето на 4 Февруари да биде достоинствено, а институциите се тука да се грижат за се што треба за редот и безбедноста во државата. Никој не смее да биде и нема да му биде дозволено да биде над државата, потенцира министерот за внатрешни работи.

03.02.2023 - 10:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега