Шекеринска: Состанокот на Радев е грешка во чекори

 Како грешка во чекори го означи министерката за одбрана Радмила Шекеринска состанокот на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на безбедносните служби, за како што наведоа од неговиот кабинет, нарушување на правото на самоопределување на Бугарите во Северна Македонија. Министерската за одбрана денеска одговарајќи на новинарско прашање на МИА нагласи дека Северна Македонија е можеби најдобар пример во регионот во однос на рамноправноста на граѓаните и почитување на различностите.

-Не сум чула за каков било пример или епизода во историјата кога разузнавачите работеле позитивно и корисно за развивање на човековите права и мислам дека станува збор за грешка во чекори. Република Северна Македонија е држава, која многу вложи во рамноправност на граѓаните и во отвореност на општеството да ги прифати сите разлики. Можеби сме најдобар пример во нашиот регион на ова тема и тоа го признаваат организации кои често пати се критични на темиве, истакна Шекеринска .

Додаде дека македонското општество покажало поголема зрелост и отвореност од некои постари демократии, бидејќи како што рече, како мала држава и како народ сме поминале низ епизоди на негирање и тоа не поттикнало да станеме свесни дека треба да се почитува различниот.

-Ние ги научивме своите лекции. Тие секојдневно ги покажуваме, дури и со операцијата попис сме држава која на секој граѓанин му ја дава шансата слободно да се произнесе. Би била среќна кога сите државите во нашето соседство би го давале истото право на своите граѓани, истакна министерката за одбрана. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.03.2021 - 12:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа