Се отстранува летната тераса на кафе-бар во Центар
По налог на Општина Центар и врз основа на решението од 20 мај, почна отстранувањето на доградбата на кафе-барот „Правда“ на улицата Мирослав Крлежа.
По направениот увид од овластен градежен инспектор, било констатирано дека инвеститорот не поседува одобрение за доградба на објект, како и решение за поставување градби. Доградбата е изградена од целосно застаклена метална конструкција, како и платформа, која е покриена со штици.
„Упатувам апел до сите инвеститори што имаат добиено решенија самостојно да ги отстранат нелегално изградените објекти. Во спротивно Општината ќе пристапи кон присилно административно извршување. И наредниот период Секторот за инспекциски работи при Општина Центар ќе продолжи со контролите и со инспекциските надзори“, изјави градоначалникот Богдановиќ.
Во согласност со буџетот на Општина Центар, за 2021 година се планирани 12 милиони денари за уривање бесправно изградени објекти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа