СДСМ до Мицкоски: Подаваме рака за сите кои се спремни да работат за граѓаните

„СДСМ, пратеничката група и претседателот Димитар Ковачевски подаваат рака за сите коишто се подготвени да ги надминат своите теснопартиски интереси, да работат за граѓаните и да дадат свој придонес во оваа насока. Премиерот Ковачевски, парламентарното мнозинсто и коалицијата којашто ја предводи се целосно посветени и работат на мерки и политики за заштита на стандардот на граѓаните, за помош на стопанството, обезбедување на храна, енергенси, струја, парно, на се она што е потребно во пресрет на тешката зима.   Најавената конструктивност од страна на Христијан Мицкоски ќе ја поздравиме и ние и граѓаните доколку навистина е искрена“, се вели во соопштението на владејачката партија.

СДСМ соопшти дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса во Собранието, но ќе мора да се откажат од блокадите, деструкциите и кочењето и да ја покажат најавената конструктивност со конкретни чекори.

„Тоа  е одговорно, тоа е државнички и тоа ќе биде во интерес на сите наши граѓани. Се друго е политиканство и во функција на дневната политика и ќе биде препознаено. Исто така, очекуваме оваа најавена конструктивност да се преточи во поддршка на европскиот пат на државата и сите потребни чекори за успешно, брзо и ефикасно завршување на преговорите за полноправно члество во ЕУ. Државата и сите наши граѓани имаат потреба од единство и заедничко делување, во однос на соочување со предизвиците од глобалната енергетска и економска криза, како и за стратешките интереси на земјата. Граѓаните очекуваат работа и резултати. За дуели, дебати и политички препукувања има време“, велат од СДСМ.

29.09.2022 - 17:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа