РКЕ: Нафтени деривати има, но одредени трговци вештачки го нарушуваат пазарот
Нафтени деривати има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, но дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво, изјавија за МИА од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
– На тој начин си прават „залиха“, која би ја продавале по нови цени што на некој начин во услови на криза е воено профитерство, посочуваат од РКЕ.
Од Комисијата нагласуваат дека во текот на денешниот ден добиле укажувања од поголем број потрошувачи дека одредени трговци на мало со нафтени деривати ја ограничувале количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите.
– Некои бензински пумпи дозволувале до 500 денари да може едно возило да наполни гориво. Други пак не дозволуваат гориво да наполнат камионите. За состојбата РКЕ го извести Државниот пазарен инспекторат веднаш да ги засили контролите на терен кај трговците и да се оневозможи вакво непазарно однесување кое е недозволиво и забрането. Вештачки се нарушува пазарот и се прекршуваат основните принципи за сигурност во снабдувањето со енергија, додаваат од РКЕ
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа