РКЕ: Граѓаните приклучени на парно ќе добиваат пониски сметки

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлуки со кои се намалува во просек за 4% крајната цена на испорачаната топлинска енергија кај трите компании на територијата на Град Скопје.

Речиси 56 илјади потрошувачи приклучени на „Балкан енерџи груп“ или 93% од вкупниот конзум ќе добиваат сметки пониски за 4,35%. Нешто над 3.800 домаќинства кои се приклучени на ЕСМ Енергетика ќе добиваат незначително пониски сметки за 0,57%, додека потрошувачите кои се 501 на број и се приклучени на Скопје Север од 1 август ќе добиваат сметки пониски за 1,25 %, соопштија од Регулаторна комисија.

„Граѓаните приклучени на парно ќе добиваат пониски сметки. Денешните донесени одлуки се показател дека начинот на кој ја пресметуваме цената на топлинската енергија ги штити потрошувачите. Со одлуките праќаме сигнал што повеќе граѓани да се приклучат на мрежата за парно греење, кое е најекономично и еколошко. Во однос на работата на компаниите, сакам да укажам дека со оглед на фактот дека БЕГ го има доминантниот дел од конзумот, односно 93%, останатите снабдувачи Скопје Север и ЕСМ Енергетика да ги разгледаат можностите за системско надминување на предизвиците преку заедничка соработка со цел да може да го зголемат бројот на потрошувачи и да се оптимизира производството на топлинска енергија“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Околу 60.000 потрошувачи се приклучени на централните системи за греење на трите компании кои се во градот Скопје, што за една година претставува раст на конзумот од речиси 2 илјади нови потрошувачи.

29.07.2021 - 12:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа