Пристигна првата реакција на Русија за изборите во Србија

 

Републиканската изборната комисија ја потврди победата на Српската напредна партија на предвремените парламентарни избори со 46,84 отсто гласови (1.667.801), додека опозициската проевропска коалиција „Србија против насилството“ освои 23,38 отсто.

Од запишаните 6.500.666 гласачи, гласале 58,84 отсто, а околу 2,7 отсто има неважечки ливчиња.

Изборниот праг од три проценти го поминаа и Социјалистичката партија на Србија (6,59%), национално-конзервативната коалиција „Надеж за Србија“ (5,02), а изненадувањето на овогодинешните избори – неодамна формираната политичка групација „Ние – гласот на народот – Бранимир Несторовиќ“ со 4,68 отсто од гласовите. Сите други листи не го поминаа изборниот праг, не сметајќи ги малцинските партии. Така, меѓу другите, надвор од парламентот ќе бидат и Народната партија на Вук Јеремиќ, коалицијата предводена од Социјалдемократската партија на Борис Тадиќ и радикалите (СРС) на Воислав Шешељ.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Кремљ внимателно ги следи изборите во Србија, го поздравува успехот на партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ и се надева дека тоа ќе помогне за понатамошен развој на односите.

„Тоа е исклучиво внатрешно прашање на Србија, нашата пријателска, братска Србија. Се разбира, го поздравуваме овој успех на господинот Вучиќ и се надеваме дека ќе придонесе за понатамошен развој на земјата“, изјави Песков пред новинарите, пренесува РИА Новости.

18.12.2023 - 13:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега