Поранешниот хрватски претседател Месиќ: Македонската нација е историски факт, не ја создал ниту Тито, ниту Коминтерната

Ако се говори за историја, тогаш треба да се почитуваат сите факти. Бугарија беше на страната на силите на Оската и на крајот прејде на страна на сојузниците, вели поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ во разговор за МКД.мк. Според него, нема ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет и за прашања кои дефинитивно се решени, кои се апсолвирани.

Месиќ смета дека односот меѓу Бугарија и Македонија, во времето додека Македонија беше во рамките на Југославија, одамна е апсолвирано прашање и дека тука не смее да има никакви проблеми. И сите оние што сега го потегнуваат таквото прашање очигледно можат само да им пречат на односите меѓу Македонија и Бугарија, но и на мирното решавање на проблемите во целиот регион.

На прашање дали ветото од Бугарија е во склад со европските вредности, бидејќи тие се членка на ЕУ, тој вели дека тоа не е европска вредност нити европски интерес.

-Во тоа и е работата, бидејќи ако дефинитивно било решено прашањето за односите меѓу Југославија и Бугарија, а со тоа и на Македонија и Бугарија, мислам дека сега не е ни во европски интерес, ни во интерес на регионот, а на крајот ни во интерес на Македонија ни на Бугарија, да се поставуваат прашања што веќе се решени, кои дефинитивно се решени, кои се апсолвирани.Мислам дека тоа повеќе се покренува поради нивните внатрешни прашања, имаат многу работи што не се решени, па наједноставно е да се покрене такво прашање што треба да ја окупира домашната јавност, па да се заборави на она што треба да се решава во сопствената земја- наведува Месиќ.

Кому му одат во прилог тврдењата од Софија дека Коминтерната ја формирала македонската нација, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, освен можеби на создавањето „непријател“ од оваа страна на границата, тој вели дека никаква Коминтерна не го создала ниту бугарскиот ниту македонскиот јазик.

-И едниот и другиот јазик се јазици што ги говорат посебните народи, бугарскиот народ - бугарски, македонскиот народ - македонски. А сличности има. Има и меѓу српскиот и хрватскиот, па Србите го нарекуваат српски, Хрватите - хрватски, Бошњаците - бошњачки, Црногорците - црногорски.

Не гледам ниту една причина сега да се поставува прашањето за македонска нација и македонски идентитет. Македонската нација постои, таа е историски факт и секој што тука нешто проблематизира всушност им штети на односите во цела Европа.

Тито никого не го создал, туку само ги констатирал фактите. Ако е така, тогаш би значело дека Тито ги создал и Србите и Хрватите и Словенците.

Ние бевме во една државна заедница, Кралство Југославија, во кое не беа решени националните прашања. Националните прашања кај нас се решени во Народноослободителната борба, која ја водеше маршалот Тито. Но секој народ го извојува своето право и да има свој јазик и да има своја територија и идентитет вели тој.

Целото интервју може да го прочитате ТУКА.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.11.2020 - 14:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега