По реакциите од целиот Балкан, се огласи и самиот Стојановски: „Македонштината во моето срце е поголема од сите партии“

Коментаторот на МТВ, Тони Стојановски, кој со својот говор ја воодушеви не само македонската јавност туку и целиот регион, порача дека македонштината во неговото срце е поголема од сите политички партии.

Иако повеќето останаа воодушевени од зборовите кои спортскиот коментатор ги упати откако Македонија официјално оствари историски успех со пласманот на Европското првенство, имаше и такви кои го осудија ваквиот говор, тврдејќи дека истиот има политичка позадина. 

„Тоа е мој личен став, тоа не може да се објасни, особено на оние кои не го препознааваат овој успех. Ова е голем чекор на изградба на нација, која не се гради во Пржино или пред Пржино. Ова не е само фудбалски пласман туку многу повеќе од тоа. Не сум член на политика партија и нема да бидам. Мој став е дека партијата го ограничува човекот. Тоа беше само говор во кој единствено воведот беше однапред подготвен и немаше да биде искажан да не победеше репрезентацијата. Јас сум само коментатор, јас не го дадов голот“, вели Стојановски за „Фактор“.

Тој тврди дека отсекогаш бил во добри односи со менаџерскиот тим на МТВ кој не се меша во неговата работа.

„Благодарен сум на менаџерите на телевизијата, за кои знаеме дека се поставени од старото владеење на актуелната опозиција. Тоа е истиот менаџерски тим, кој постојано има разбирање за нашата редакција и ни дава слобода работите да ги искажеме на свој начин. Мене искрено ми е жал што од некои не е препозната патриотска, туку некаква партиска димензија. Тука немаше величење на „Македонизмот“ низ етничка призма, како што сакаат да прикажат“.

Самиот признава дека никогаш не споменал „Северна Македонија“, но сè уште има рок на прилагодување.

„Признавам околу употребата на уставното име, никогаш не сум споменал „Северна“, но се уште има рок на прилагодување. Како што се прилагодува соседот на Преспанскиот договор. Македонштината во моето срце е поголема од сите партии, кои може да згаснат во кое било време, но припадноста кон земјата ќе остане да постои“, заклучува Стојановски.

 
 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.11.2020 - 17:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега