Парно скопјани ќе имаат на 15 октомври

Непречено ќе биде снабдувањето со топлинска енергија во претстојната грејна сезона, граѓаните ќе имаат парно од 15 октомври, уверува Владата. Во тек се преговорите со Србија за набавка на гас и постои оптимизам дека ќе се постигне договор, но опција е и топланите да работат на мазут.

Економско-енергетскиот совет синоќа донесе неколку нови одлуки – да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар, на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта и сите јавни здравствени установи да бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.

Во меѓувреме, продолжуваат и разговорите за функционирање на ТЕ-ТО во грејната сеозна, а доколку не се постигне договор со „Адора“ за топланите, Владата вели дека има решение – Законот за управување со кризи и  дава право да ги стави на располагање сите ресурси – и на државата и на јавните претпријатија и на приватните компании.

Според пресметките, до крајот на грејната сезона топланите ќе потрошат околу  230 милиони нормални метри кубни природен гас.

Со оглед на тоа што БЕГ ги врати назад трите лиценци, до крајот на оваа недела се очекува да биде презентирано решението за неговиот наследник.

Вчера „стигна“ поддршка и од опозицијата – ВМРО-ДПМНЕ преку партискиот лидер Христијан Мицкоски соопшти дека ги нуди своите контакти за набавка не енергенси и производство на двојно поевтина струја за стопанството. Владата на тоа одговори дека секоја дополнителна сугестија од политичките партии е добредојдена. Планот за справување со енеретската криза што го претстави Мицкоски ќе биде разгледан, како и сите други планови и поддршки што ќе бидат понудени.

-Ги повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката на Економско-енергетскиот совет со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија, истакна премиерот Димитар Ковачевски на синоќешната вонредна прес-конференција во Владата, соопштувајќи ги најновите одлуки на Советот.

29.09.2022 - 09:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега