Одреден 30-дневен притвор за тројцата Срби уапсени за воени злосторства во Косово
Основниот суд во Приштина им изрече мерка притвор во траење од по 30 дена на тројцата Срби уапсени за „воени злосторства врз цивилното население“ во војната во Косово во 1998-99 година, потврди тимот на одбраната на осомничените.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, еден од адвокатите на обвинетите во четвртокот пред медиумите изјави дека неговиот клиент е обвинет за кривични дела, но не е јасно за што се работи.
-Тие се товарат за кривично дело воено злосторство. Но, да ви кажам право, од оправданоста на барањето за определување притвор не можеше да се види кој за што конкретно се товари, што се случило и кога, како и зошто овие луѓе го имаат ова обвинение. И претходно кажав, вакво збунувачки, нејасно, непрофесионално и лошо барање притвор не сум видел во моето 28-годишно адвокатско работење, рече адвокатот Љубомир Пантовиќ.
Според адвокатот, барањето за притвор е „тотално незаконско, нејасно и непрофесионално“, додека еден од уапсените има здравствени проблеми.
-За жал, судијата прифати конфузно, лошо, празно и непрофесионално изготвено барање за притвор, кое е изготвено незаконски, без факти, без докази и во оваа прилика сакам да кажам дека, за жал, Специјалното одделение на Основниот суд во Приштина, кое е надлежно за процесуирање на воени злосторства, нема доволно моќ, ниту волја и желба да ги спроведе овие дејствија во согласност со Законот, рече Пантовиќ.
Според него, Судот не го зел предвид ниту мислењето на лекарот на еден од осомничените дека „притворот драстично ќе му ја влоши состојбата“.
-Значи, медицината кажа дека не е за притвор, но, за жал, судијата одлучи како што одлучи, додаде тој.
Лицата И.Е, Д.М. и З.К. беа уапсени од косовската полиција во средата во северно Косово.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа