Од денеска не важат антикризните мерки: Храната поскапува, литар бензин над 100 денари

 

Од денеска престануваат да важат дел од антикризните мерки што Владата ги воведе во март со цел ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните. Основните прехранбени продукти повеќе нема да се продаваат со нула проценти ДДВ, а од денес се враќа и ДДВ-то за бензините на 18 проценти.

Во изминатите три месеци, ДДВ-то за лебот, брашното тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко, оризот и јајцата беше намалено од пет на нула проценти, а на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за намалување на трговските маржи.

Како дел од 26-те антикризни мерки беа и намалувањето на акцизите и на ДДВ-то од 18 на 10 проценти на енергенсите.

Укинувањето на антикризните мерки се очекува да предизвика пораст на цените на храната и на енергенсите. Од полноќ по нова, зголемена цена веќе се продаваат горивата. Цената на Еуросупер БС-95 и на дизелот е зголемена за девет денари за литар, а на Еуросупер БС-98 за 9,5 денари за литар. За 8,5 денари за литар поскапо е и Екстра лесното масло за домаќинство. Според новите цени, Еуросупер БС-95 се продава за 104 денари, Еуросупер БС-98 за 106,5 денари за литар, дизелот за 95 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство за 93 денари.

Од Владата вчера информираа дека на вчерашната седница било разговарано за продолжување на антикризните мерки. Од опозицијата, пак, најавија дека ќе поднесат закон со кој ќе предложат прехранбените производи да бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, а ДДВ-то на горивата да биде пет проценти.

01.06.2022 - 09:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега