Новогодишни обичаи низ Светот

Кога точно почнало праславувањето на Новата година не е познато, но она што се знае е дека Вавилонците го славеле овој празник пред 4000 години, а го одбележувале и Римјаните, додека во 153 година п.н.е, римскиот сенат одредил 1 јануари да биде почеток на нова година.

Интересен податок е дека ни почетокот на Новата година не е ист во сите земји. Иако за повеќето народи старата година си оди на 1 јануари што е последица од прифаќањето на грегоријанскиот календар, постојат и тие кај кои тоа не е случај. Така според персискиот календар Новата година се совпаѓа со пролетната рамнодневница, а според хиндуистичкиот календар Новата година почнува тој ден кој следи зад првиот нов месец во текот или по пролетната рамнодневница. Кинеската Нова година почнува во самракот на новиот месец во знакот на Водолија, што е кон крајот на јануари или почетокот на февруари, а еврејската Нова година (Рош Хашана) може да падне било кој ден од 6 септември до 5 октомври според грегоријанскиот календар.

Германците уште во средниот век имале обичај за Нова година да одат по улиците и да тропаат за да ги истераат лошите духови. Потоа почнале да користат тапани и останати инструменти, а денес Новата година не може да се замисли без грандиозниот огномет кој прави огромна бучава. Слично е и кај другите народи. Така Италијанците имаат обичај да фрлаат стари работи низ прозорецот, бидејќи сметаат дека колку повеќе бучава има толку злото побрзо ќе избега.

Кинезите пред Нова година вратата ја украсуваат со нешто црвено, бидејќи веруваат дека тоа е боја на среќа и благосостојба. Интересно е дека тие 24 часа пред доаѓањето на Новата година ги кријат сите ножеви од домот, бидејќи ако некој се исече, тоа би значело дека семејната среќа е пресечена или истерана во Новата година.

Данците имаат обичај да собираат стари чинии кои точно на полноќ ги кршат на куќните прагови од своите пријатели. Колку повеќе скрешни чинии, толку повеќе пријатели. И повторно, тој феномен на бучава кој ги брка лошите духови.

Бразилците имаат навика во новогодишната ноќ да носат бела боја за среќа и мир, додека тие кои живеат на море знаат да одат на брегот и да посакаат желба. Потоа, тие прескокнуваат седум бранови и фрлаат цвеќе во морето. Потоа само ја чекаат божицата на морето да им ја исполни желбата.

На Британците многу им е важно кој прв ќе им влезе во домот во новата година. Секако, пожелно е тоа да биде маж со подароци, а не жена. Традиционални подароци во Британија се леб на маса, масло за огнот и пијалок за господарот на куќата.

Во Јапонија ѕвоната на будистичките храмови ѕвонат 108 пати, за да се истераат 108 човечки слабости, а потоа сите се смејат бркајќи ги лошите духови.

Уште еден интересен обичај доаѓа од Колумбија, каде некои семејства имаат голема машка кукла која ја претставува старата година. Често во неа ставаат работи кои им будат лоши спомени од претходната година, а потоа ја палат на полноќ. Колумбијците веруваат дека на овој начин ги оставаат лошите работи зад себе и влегуваат во подобра и посреќна година.

Се верува дека тој кој пружа алишта пред Новата година многу ќе работи целата идна година. Затоа треба добро да се внимава што се прави околу тој фамозен 1 јануари. Верувањата понатаму велат дека сите паричници во домот на 31 декември треба да се наполнат со метални парички за да се има пари во идната година.

Разни народи, разни кујни. Кога на тоа ќе се додадат и различни новогодишни верувања и обичари, тогаш сигурно сешто и се јаде кога се испраќа старата и се дочекува Новата година.

Шпанците на полноќ јадат 12 зрна грозје за да бидат среќни 12 месеци. Кубанците, од друга страна, јадат 12 грејпфруити за 12 среќни месеци. Перуанците исто така јадат грозје, но 13 зрна. Грците традиционално јадат леб во кој се наоѓа паричка која треба да донесе среќа во Новата година. Првото парче леб се крши за малиот Исус, второто за таткото на семејството (стопанот на куќата), а третото за домот. Ако паричката се најде во третото парче тоа значи дека семејството ќе има среќа таа година.

Австријците на свечената трпеза имаат печење кое е симбол на среќа и благосостојба. За десерт служат сладолед од ментол во облик на детелина со четири листа. Симболиката на детелината е јасна.

Сицилијанците пак, веруваат дека среќа е ако пред Нова година се јадат лазањи, а несреќа ако се јадат макарони или која било друга тестенина освен лазањи. Многу Италијанци јадат колачи за Нова година, а посебно е интересен обичајот за правење на колачи од бадеми во облик на змија. Се верува дека како што змијата од себе ја симнува својата кожа, така и овој колач симболизира оставање на минатото зад себе.

Норвежаните за Нова година јадат пудинг од ориз кој се служи во голема чинија, во која се става и еден бадем. Пудингот тогаш се дели на сите дома, а како кого ќе падне бадемот тој ќе има среќа во новата година. Ова би била само послатка варијанта на лебот и паричката.

Во Америка традиционално новогодишно јадење е лонец со ориз со црн грашак и свинско во кое се става една паричка. И повторно, тој што ќе ја најде паричката ќе има среќа во новата година. Овој обичај го донеле африканските робови.

Многу дарежливо звучи филипинскиот обичај храната да се изнесува на улиците и да се дели на сиромашните. Најчесто тоа се морски плодови и ориз.

Холанѓаните јадат крофни за Нова година, а Србите подготвуваат богата трпеза на која најчесто се наоѓаат свинско, сарма од кисела зелка, разни погачи, пити и торти. Слично е и кај нас, само ние на менито би ја додадел и обавезната руска салата.

30.12.2022 - 19:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега