Нова прогноза на СЗО за Европа: „Мислам дека се приближуваме до крајот“

Како што оценил директорот на СЗО за Европа, омикрон сојот на коронавирусот кој би можел да зарази 60 отсто од Европејците до месец март, започнал нова фаза на пандемијата на Ковид-19 во регионот и истиот би можел да се приближи до крајот.

„Можно е регионот да се приближи кон крајот на пандемијата“, изјавил за „Франс прес“ Ханс Клуге, сепак внимавајќи на изјавите поради непредвидливоста на вирусот.

Тој навел дека кога бранот на омикрон сојот ќе се смири, тогаш во текот на неделите, месеците ќе има глобален имунитет или поради вакцините или поради тоа што луѓето се имунизирале со тоа што се заразиле, а исто така и поради сезонскиот пад на заразата.

„Очекуваме период на мир, а потоа на крајот на годината Ковид-19 би можел да се врати, но не мора да биде пандемија“, додал Клуге.

Клуге сепак нагласил дека сè уште не сме во фаза кога тоа станува ендемска болест.

„Ендемски значи дека можеме да предвидиме што ќе се случи, овој вирус изненади повеќе од еднаш, поради тоа треба да бидеме внимателни“, изјавил Клуге.

24.01.2022 - 13:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа