Нов хаос во парламентот на Албанија: Опозицијата палеше за да спречи одземање на имунитетот на Сали Бериша

 

Членовите на албанската опозиција денеска не успеаја да го спречат одржувањето на собраниската седница на која беше изгласано одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер, Сали Бериша.

Пратениците на опозициската Демократска партија кренаа столчиња на говорницата лоцирана во центарот на парламентот и се обидоа да ги запалат, по што запалија факели.

Бериша одби да земе збор и да го коментира предлогот за одземање на неговиот имунитет.

Владејачката Социјалистичка партија, која има 74 пратеници во 140-члениот парламент, гласаше за одземање на имунитетот, што им овозможува на обвинителите да побараат од судот апсење на Бериша.

Опозицијата одби да учествува во гласањето, додека симпатизерите на партијата се собраа пред парламентот и беа поканети од Бериша да се приклучат на „борбата без враќање против авторитарниот режим“ на социјалистите.

Албанското антикорупциско обвинителство побара одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер, бидејќи тој не ја почитувал наредбата да се јавува кај нив на секои две недели и да не патува во странство додека против него се води истрага за корупција.

Обвинителството во октомври изјави дека Бериша е осомничен за „корупција“ во истрагата за приватизацијата на спортскиот комплекс, во корист на неговиот зет Џамарбер Малтези.

21.12.2023 - 20:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега