Како изгледа еден просечен педофил во Македонија? - МВР објави загрижувачки податоци
За 63 % е зголемен бројот на сексуални деликти извршени над деца во 2013 во однос на 2012 година. Овој факт загрижува, велат денеска од Министерството за внатрешни работи.
-Во текот на 2013 година, во Македонија се регистрирани вкупно 151 кривично дело од областа на кривичните дела против половата слобода и морал, а од вкупниот број, 83 дела се извршени над деца. Загрижува фактот што сексуалните деликти извршени над деца се зголемени во споредба со минатата година за 63%. Порастот првенствено се должи на зголемениот број дела „полов напад над дете кое не наполнило 14 години“, кои се зголемени за 47%. Во рамките пак на сексуалните злоупотреби, децата до 14-годишна возраст се јавуваат во 70% од кривични дела, односно 58 дела се извршени над оваа категорија лица. Кривичните дела се извршени од 51 сторител над 53 деца до 14 годишна возраст.,информираат денеска од МВР.
Дури 96,4% од кривичните дела биле расчистени, а нерасветлени засега се три кривични дела, од кои „задоволување полови страсти пред друг„, „обљуба со злоупотреба на положбата“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
Според видот, најзастапено е кривичното дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години„, односно биле извршени 50 вакви дела. Овие дела се 60% од вкупниот број дела над деца, додека останатите дела се застапени во многу помал број.
-Гледано по подрачја, сексуалните злоупотреби над деца се најчести за подрачјето на СВР Скопје и СВР Битола. Притоа, можеме да заклучиме дека почесто се вршат сексуални злоупотреби во урбаните средини, каде се извршени две третини од кривичните дела, а една третина во рурални подрачја. Според местото на извршување, поголемиот дел од делата, или 65% се извршени во затворени објекти (најчесто куќи на сторителите или родители на жртвите, потоа викендички, напуштени објекти, помошни простории, воспитни установи и сл.), додека останатите 35% од делата се извршени на отворен простор, информираат од МВР.
Според времето на извршување, најчесто злоупотребите се вршеле во текот на денот, но за дел од случаите не може со сигурност да се утврди точниот временски период на извршување на делата или пак се одвивале континуирано. Во тие случаи, жртвите биле изложени на сексуално насилство подолг временски период, а регистрирани се осум такви случаи годинава или еден помалку во споредба со минатата година.
Забележана е појава, која од година на година, станува сé поочигледна - сторителите на овие деликти, се почесто напаѓаат деца од нивното најблиско опкружување, односно претходно се познаваат со жртвите. Овие познанства им помагаат да се зближат со своите жртви, искористувајќи ја нивната доверба. Така, сé почесто се случува напаѓачите да се роднини, пријатели, соседи, познаници на жртвите. Годинава, сторителите се татковци, очув, дедо, професор, други роднини, соседи, љубовници, познаници, а во многу мал број случаи сторителите не ги познавале жртвите претходно.
Според начинот, сторителите, во 34 случаи употребиле физичка сила за да ги совладаат жртвите, во четири случаи ја искористиле психофизичката немоќ на жртвите, во три случаи малолетниците добивале ситни износи на пари, три случаи со разни ветувања, во по еден случај со закана со нож и со секира, додека во останатите случаи со вербална закана.
Најголем број од сексуалните напади годинава се вршеле од поединци, во три случаи злоупотребите се извршени од двајца сторители, а во само еден случај од група од тројца сторители. Жртви на сексуалните злоупотреби се 98 деца, од кои 70 од женски и 28 од машки пол. Притоа, најмладата жртва на сексуална злоупотреба е машко дете на возраст од четири години.
Според возраста, најголем број од сторителите се во категоријата од 18 до 30 годиншна возраст, но загрижува што овие дела се почесто го вршат лица до 18 години. Според завршеното образование, најголемиот број или 43 се со основно образование, 21 со средно образование, 16 се со завршено четврто одделение, тројца се без образование и двајца се со високо образование. Според работниот статус, најголем број од пријавените сторители се невработени-55, 29 се во работен однос, а еден бил пензионер.
Од податоците може да се заклучи дека профилот на сторител на сексуални злоупотреби би изгледал вака: Маж на возраст од 20 до 30 години, со неоформено образование, без квалификации, невработен е припаѓа на ниските социјални слоеви. Тој најчесто напаѓа девојчиња, најчесто од социјално загрозени семејства, претходно ја познава жртвата, односно е дел од неговото социјално опкружување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа