Германија брои бункери поради тензиите со Русија

 

Германија подготвува список на бункери кои би можеле да обезбедат итно засолниште за цивилите, соопшти Министерството за внатрешни работи, бидејќи тензиите со Русија се зголемуваат. На списокот ќе се најдат станици на метрото, паркинзи, државни згради, но и приватни недвижности, изјави портпаролот на министерството.

Планирано е да се направи дигитален именик на сите бункери и засолништа, за граѓаните брзо да го најдат најблискиот со помош на апликација за мобилни телефони. Исто така, граѓаните ќе бидат охрабрени да градат заштитни засолништа во своите домови, претворајќи ги подрумите и гаражите во безбедни простори, додаде портпаролот на прес-конференцијата.

Тој не ја прецизираше временската рамка, нагласувајќи дека станува збор за „голем проект“ кој ќе бара „одредено време“ и ќе ја вклучи Агенцијата за цивилна заштита и управување со катастрофи, како и други надлежни органи.

Германија, која има 83 милиони жители, моментално има 579 бункери, главно изградени за време на Втората светска војна и Студената војна, кои можат да обезбедат засолниште за 480.000 луѓе, што е значително помалку од претходните околу 2.000 бункери.

 

Портпаролот изјави дека клучните точки од планот биле договорени на конференција на високи функционери во јуни и дека во моментов посебна работна група работи на деталите.

Од руската инвазија на Украина во 2022 година, расте загриженоста дека Москва еден ден може да ги таргетира другите членки на НАТО. Во октомври, шефовите на германското разузнавање предупредија дека Русија би можела да ја нападне воената алијанса до 2030 година.

 

Германските власти велат дека земјата веќе се соочува со зголемување на руската шпионажа и саботажа. Минатата недела Владимир Путин изјави дека конфликтот во Украина има карактеристики на „глобална“ војна и не исклучи напади врз западните земји

25.11.2024 - 20:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа