Пожарите во Грција слабеат: Огнот на Крф намерно предизвикан
Шумските пожари кои беснеат една недела во Грција денеска ослабеа, но пожарникарите се уште се обидуваат да го стават под контрола огнот во кој загинаа три лица, а илјадници туристи мораа да бидат евакуирани.
„Шумските пожари низ Грција стивнуваат, но пожарникарите се уште се активни на неколку локации“, изјави член на противпожарната бригада.
Пожарникарите го гаснат пожарот на островот Евбеја, каде во вторникот загинаа двајца грчки пилоти кога се урна нивниот канадер.
На Родос, кој поради пожарот го напуштија повеќе од 20.000 странски посетители и локални жители, пожарникарите се борат со шумските огнови на три фронта.
Во вторникот со специјални авиони беа вратени околу 3.000 странски туристи кои претходно беа евакуирани од тој остров.
Островот Родос, многу популарна туристичка летна дестинација за странските туристи, обично го посетуваат околу 1,5 милиони луѓе во летните месеци. Грчката економија е во голема мера зависна од туристичкиот сектор, кој сочинува 18 отсто од БДП на земјата.
Министерката за туризам, Олга Кефалогјани тврди дека само мал дел од Родос е зафатен од шумски пожари и дека министерството во соработка со хотелиерите бара начин да ги врати туристите на островот. За жал, според локалниот гувернер, пожарот на Крф најверојатно бил намерно предизвикан.
Грчките острови се популарни туристички дестинации, особено за Германците и Британците.
Грција во последните недели ја погодија многу високи температури, а се очекува живата во термометрите да се искачи над 44 степени.
Во четврток се очекува благ пад на температурата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа